Центарот за развој на Југоисточниот плански регион (ЦРЈИПР) учествуваше на меѓународниот настан AGRO EXPO 2026, кој се одржа на 30 и 31 октомври 2026 година во SPACE Park во Скопје, под мотото „Земјоделството на иднината. Денес.“
Настанот претставуваше значајна платформа за поврзување на институциите, земјоделските производители, научноистражувачката заедница, компаниите и организациите кои работат на унапредување на земјоделството, воведување современи технологии и поттикнување на одржливиот регионален развој.
Центарот за развој на Југоисточниот плански регион активно се вклучи во изложбениот дел на настанот со сопствен промотивен штанд, на кој беа претставени проекти, иницијативи и активности насочени кон развој на земјоделството, поддршка на руралните средини, одржливо управување со природните ресурси и унапредување на регионалната соработка.
Преку промотивните материјали и непосредната комуникација со посетителите, претставниците на Центарот ги презентираа проектните активности и резултатите од досегашната работа, со посебен акцент на можностите за примена на иновативни решенија, подобрување на условите за земјоделско производство и создавање нови партнерства во интерес на развојот на Југоисточниот плански регион.
Во рамки на официјалната програма, Тања Митев, претставник на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, учествуваше во делот посветен на регионалната соработка и потребите во земјоделството од аспект на јавниот сектор.
Програмата на AGRO EXPO 2026 опфати презентации на европски проекти, современа земјоделска механизација, дигитални технологии, паметни системи за наводнување, дронови, сензори и решенија базирани на вештачка интелигенција, како и дискусии за можностите за модернизација на земјоделското производство.
Настанот беше организиран во контекст на европскиот проект CAAIVE, кофинансиран од Европската Унија преку програмата Еразмус+, со фокус на развој на стручни знаења, дигитални вештини и примена на вештачката интелигенција во земјоделството. Центарот за развој на Југоисточниот плански регион беше вклучен и во организациските активности на настанот, заедно со останатите партнери како партнер во проектот.
Учеството на AGRO EXPO 2026 овозможи размена на искуства, воспоставување контакти со потенцијални партнери и промоција на развојните потенцијали на Југоисточниот плански регион, особено во областа на земјоделството и руралниот развој.
Центарот за развој на Југоисточниот плански регион продолжува посветено да работи на промоција и реализација на проекти кои придонесуваат кон модернизација на земјоделството, зајакнување на локалната економија, одржливо искористување на регионалните ресурси и подобрување на квалитетот на животот на населението во регионот.


