СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ја информира јавноста дека на ден 24.12.2021 година (петок) со почеток во 14.00 часот во просториите на општина Валандово ќе се одржи Конститутивна седница на Советот за социјална заштита на Југоисточниот плански регион.

Советот за социјална заштита на Југоисточниот плански регион се основа заради планирање и развој на мрежата на социјални услуги на регионот.

Советот го сочинуваат сите градоначалници на единиците за локална самоуправа што влегуваат во состав на планскиот регион и сите директори на центрите за социјална работа од подрачјето на планскиот регион.

На Конститутивната седница ќе се расправа по следниот:

 

Д Н Е В Е Н     Р Е Д

 

  1. Конституирање на Советот за социјална заштита на Југоисточниот плански регион
  2. Усвојување на Деловникот за работа на Советот за социјална заштита на Југоисточниот плански регион
  3. Избор на Претседател на Советот за социјална заштита на Југоисточниот плански регион
  4. Усвојување на Предлогот за потребата од развивање на социјални услуги во Југоисточниот планскиот регион, видот и начинот на воспоставување на услугите

 

Со почит,

Центар за развој на Југоисточниот плански регион

Втор состанок на тимот на проектот за „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари„

Во рамки на проектот “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Р.Северна Македонија на ден 16.12.2021 година, во бизнис салата на хотел „Сириус“ Струмица – Република Северна Македонија, се одржа вториот состанок на проектниот тим.

Главната цел на состанокот на тимот беше да се разговара за тековните активности на проектот, насоката на нивното движење, како и плановите кои ќе помогнат во спроведувањето на идните активности.

Се дискутираше за објавената тендерска постапка за набавка на противпожарна опрема, како и за следните чекори во врска со тендерот.

Тимот разговараше и за успешно одржаната работилница за воспоставување на прекугранична неформална мрежа за превенција и подготвениот Меморандум за соработка.

Проектот е ко-финансиран од Европска Унија и Националните Фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија – Република Северна Македонија 2014-2020.

ОДРЖАНА III (ТРЕТАТА) СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ ЗА РАЗВОЈ НА ЈУГОИСТОЧНИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН

На 13.12.2021 година (понеделник), во општина Дојран, се одржa третата Седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион.

На Седницата присуствуваа Градоначалниците од општините во состав на Југоисточниот плански регион и директорката на Центарот за развој на Југоисточниот регион, Жулиета Ѓуркова.

На седница беа поинтирани главните проблеми за долгиот процес кој го отежнува започнувањето со работа на основаното заедничко јавно претпријатие за заловување и третман на бездомни кучиња „АСТРА-ЛУНА“ – Струмица и од тие причини беше  донесена одлука за започнување на постапка за ликвидација на истото и давање на согласност  на општина Струмица за формирање на ново општинско јавно претпријатие кое ќе биде финансирано од нивна страна и во иднина во согласност со законските прописи, истото би било во функција и на соседните општини за минимален надомест по заловено куче.

Започнаа градежните активности за уредување и санација на полски патишта во Југоисточниот регион

На ден 07.12.2021 година во с. Богородица, о. Гевгелија се започна со градежните активности предвидени во рамките на проектот „Подобрување на постојната патна инфраструктура во руралните средини во Југоисточниот плански регион заради подобар пристап до земјоделските површини“.

Преку овој проект предвидено е уредување и санација на полски патишта во четири општини во Југоисточниот плански регион и тоа освен во Гевгелија, уредување и санација на полски патишта ќе се изврши и во општините Богданци, Струмица и Валандово.

Реконструкцијата на полските патишта ќе има големо значење за земјоделските домаќинства од регионот со кои ќе се овозможи пристап до вкупно 298,25 хектари плодно земјоделско земјиште во регионот. Со реконструкцијата на полските патишта ќе се добие подобар пристап до земјоделските површини како и поквалитетен и побрз пристап до земјоделските култури.

Средствата за овој проект со вкупна вредност од 2.085.305,00 денари со ДДВ се обезбедени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Програмата за капитални субвенции за развој на планските региони во областа на руралниот развој и земјоделството.

             

Јавен повик за избор на член во Советот за развој на Југоисточниот плански регион – претставник од здруженијата

Согласно член 21 став 7 – 15  од Законот за рамномерен регионален развој („Службен весник на РСМ“ бр.24/21 и 174/21), член 1 став 2 и член 2 став 1 алинеа 19 и член 6 став 1 од Деловникот за работа на Советот за развој на Југоисточниот плански регион бр. 08-257/1 од 23.06.2021 год., Советот за развој на Југоисточниот плански регион распишува:

Јавен повик

за избор на член во Советот за развој на Југоисточниот плански регион – претставник од здруженијата

Основни критериуми за избор на член – претставник од здруженијата во Советот за развој на Југоисточниот плански регион се:

  • правните лица, апликанти да бидат регистрирани најмалку две години, со седиште и делување на подрачјето на општина во состав на планскиот регион,
  • правните лица, апликанти согласно со Статутот на организацијата да делуваат во областа на локалниот и на регионалниот развој и
  • правните лица, апликанти да имаат имплементирано најмалку два проекти од областа на локалниот и регионалниот развој.

Членот – претставник од здруженијата во Советот за развој на Југоисточниот регион се избира со мандат од 4 (четири) години и нема право на глас.

Рок за пријавување: Јавниот повик е отворен до 17.12.2021 година.

Заинтересираните правни лица / апликанти да достават документи со кои ќе докажат дека ги исполнуваат критериумите за избор наведени во Јавниот повик и тоа задолжително:

Пријавите по Јавниот повик со потребните документи да се достават до Архивата на Центар за развој на Југоисточниот плански регион – Струмица, на адреса ул.Бул.„Маршал Тито“ бр.1-1, 2100 Струмица, со назнака:

„Пријава по Јавен повик за избор на член во Советот за развој на Југоисточниот плански регион – претставник од здруженијата“.

Пријавите испратени по електронска пошта или факс нема да бидат земени во предвид.

Нецелосната документација и документацијата доставена по истекот на рокот за аплицирање нема да биде разгледувана.

Лице за контакт за јавниот повик: Ивана Крстев тел: 071/221-132 и 034/340-139.

Врз основа на јавниот повик, комисија за спроведување на Јавниот повик ги разгледува доставените пријави и составува листа на здруженија кои ги исполнуваат критериумите од огласот.

Пријавените кандидати кои ги исполнуваат критериумите од јавниот повик, со мнозинство гласови одлучуваат кој од нив ќе ги претставува во Советот за развој на Југоисточниот плански регион, на состанок организиран од претседателот на комисијата за спроведување на јавниот повик во рок од 15 дена од денот на завршување на јавниот повик.

Претседателот на комисијата за спроведување на јавниот повик упатува официјална покана до здруженијата кои се пријавиле на јавниот повик.

Поканата се објавува на веб-страницата на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион (https://southeast.mk/) најмалку три дена пред датумот на одржување на состанокот.

 

Претседател на Советот за развој на ЈИПР

Андон Сарамандов

 

Целосниот текст на Јавниот повик како и пријавата може да се превземат од следниве линкови:

  1. Јавен повик за избор на член во Советот за развој на ЈИПР – претставник од здруженијата;
  2. Пријава по Јавниот повик.

 

Oдржан првиот Регионален саем на социјални претпријатија од Југоисточниот плански регион

На 01.12.2021 година во Струмица се одржа првиот Регионален саем на социјални претпријатија од Југоисточниот плански регион во организација на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион поддржан преку проектот „Поддршка на социјално претприемништво“ кој е финансиски поддржан од Европската Унија.

Саемот официјално го отвори Г. Жулиета Ѓуркова, Директор на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион. “Во овој момент, социјалното претприемништво како концепт се’ уште е нов во нашата држава, но, подготвени сме да ги отвориме нашите срца и умови за учење на нови можности“ – истакна Г.Ѓуркова

Како домаќин со поздравно обраќање се обрати и Градоначалникот на општина Струмица, Г. Коста Костадинов, кој даде кратко видување за важноста на поврзаноста помеѓу локалната самоуправа и социјалните претпријатија, додека пак за идејата и почетоците на проектот говореше Тим Лидерот на проектот „Поддршка на социјалното претприемништво“, Г. Барбара Садовска од Полска.

Велат за да го поминеш патот на успехот, слушај ги приказните на успешните луѓе. Водејќи се по тоа мото на саемот беа презентирани и зачетоците на три најуспешни социјални претпријатија од регионот за развојот на нивната социјална мисија,  и сето она кое го имаат постигнато до денес.

На крајот од саемот беше организирана панел дискусија на која беа дискутирани можностите за одржливост и раст на регионалните социјални претпријатија, преку обезбедување финансиска, менторска и друга поддршка од различни фондови. Додека пак преку изложбените штандови на околу дваесет потенцијални социјални претпријатија и невладини организации од Југоистониот плански  регион, посетителите имаа можност да уживаат и да се запознаат со социјалната мисија, претприемачките идеи, нивните потенцијали како и можноста за идна меѓусебна соработка.

Одржана дводневна работилница по проект „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во рамките на  проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“, на 26 и 27 Ноември 2021 година, организираше дводневна работилница за формирање на неформална мрежа помеѓу инволвираните страни од двата погранични региона за создавање на добра координација и структура за спречување и адекватно одговарање на природните и еколошките опасности, со посебен акцент и фокус на шумските пожари.

На работилницата покрај вработените во Центарот како организатори,  присутни беа и претставници од Водечкиот партнер на проектот – Асоцијацијата на Југозападни општини, Благоевград – Република Бугарија, претставници на општините, општинските територијални противпожарни единици и волонтерските здруженија од двете земји, претставници од регионалните Центри за управување со кризи, претставници на регионалните канцеларии од Дирекцијата за заштита и спасување, како и сите засегнати страни при превенирање и ублажување на последиците од природни катастрофи, еколошки опасности и катастрофи предизвикани од човечки фактор. Работилницата беше успешно спроведена и сите учесници со своите излагања и дискусии дадоа свој значаен придонес. На работилницата се подготви рамка на функционирање на неформалната мрежа, како и драфт Меморандум за соработка кој ќе биде пратен на сите учесници и засегнати страни за дополнителни коментари и доработка пред конечно да биде потпишан на Завршната конференција од проектот.

„Создавањето на добра координација и структура за спречување на шумските пожари, но и навремената реакција се од суштинска важност при релизирање на оваа партнерство. Тоа ни ја олеснува работата бидејќи контактираме брзо и ефикасно и прибираме податоци. Тие ни даваат нивни податоци, ние даваме наши податоци како во врска со материјалот што гори, површината, временските услови кај нас, временските услови кај нив како би можело да се направи една заедничка акција“ истакна Г-н Митко Димчев – Инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување (регионална единица Струмица).

Мрежата е неформална и во иднина ќе служи како база за подобра координација помеѓу надлежните структури во двете држави. И покрај тоа што Република Северна Македонија и Република Бугарија веќе имаат повеќе меѓународни договори во делот на цивилната заштита, оваа мрежа ќе ја олесни соработката пред се помеѓу локалните и регионалните институции.

„Со формирањето на оваа мрежа во голема мера ќе се олесни и комуникацијата од наша страна и колегите од соседна Република Бугарија за заеднички и координиран настап на терен“, вели Александар Гудев – командир на ТППЕ Струмица.

Учесниците во работилницата споделија многу позитивни искуства од терен по кои треба да се водат институциите во иднина, но и реални проблеми за кои треба да се најде начин заеднички да се надминат.

Овој проект е финансиран од Европската Унија преку Интеррег – ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија и Националните Фондови на земјите учеснички.

 

ОДРЖАНА II (ВТОРАТА) СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ ЗА РАЗВОЈ НА ЈУГОИСТОЧНИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН

На 30.11.2021 година (вторник), во општина Гевгелија, се одржa втората Седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион.

На Седницата присуствуваа Градоначалниците од општините во состав на Југоисточниот плански регион и директорката на Центарот за развој на Југоисточниот регион, Г-ѓа Жулиета Ѓуркова.

На одржаната седница Г-ѓа Ѓуркова пред присутните ги презентираше сите превземени чекори и активности кои се досега направени во соработка со општините во рамки на проектите „Изградба на две прифатилишта за бездомни животни 1-ва и 2-ра фаза“. По исцрпната дискусија сите Градоначалници се согласија се согласија секој во својата општина заедно со апштинската администрација, населението и советниците да го продискутираат понатамошното функционирање на изградениот стационар па потоа секоја општина да ги даде заклучоците на следната седница на Советот за развој на  ЈИПР.

Г-ѓа Ѓуркова исто така ги презентираше сите превземени чекори и активности за изградбата на регионалната депонија за Југоисточниот плански регион, односно воведувањето на регионалното интегрирано управување со комуналниот цврст отпад во Југоисточниот плански регион.

На оваа седница беше донесена и одлука за примопредавање на објект (пат) изграден во рамките на проектот „Изградба на локалниот пат с. Зубово спој со пат с.Ново Село – с.Мокриево“.

 

 

Советот за развој на Југоисточниот плански регион доби нов Претседател

На 23.11.2021 година во општина Струмица беше одржана првата конституивна Седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион на која присуствуваа градоначалниците на десетте општини во регионот, директорката и претставници на Центарот развој на Југоисточниот плански регион.

Согласно дневниот ред на градоначалниците од општините во регионот им беше верификуван градоначалничкиот мандат, а по конституирањето на Советот, за Претседател едногласно беше избран Градоначалникот на општина Гевгелија, Г-н Андон Сарамандов, кој ќе претседава со Советот за развој на Југоисточниот плански регион со мандат од една година. Тој се заблагодари на довербата на своите колеги градоначалници и истакна дека треба предност да им се даде на регионалните проекти кои се издржани и се квалитетни на подолг рок и дека се потребни трајни решенија за подобар и поквалитетен живот и во руралните и во градските средини. На сите градоначалници како членови во Советот на Југоисточен плански регион, обврска им е во наредниот период да го направат овој дел од државата да биде најпривлечен и за инвестиции и за живот.

На Седницата Советот донесе Одлука за отпочнување на постапка за избор на претставник од бизнис заедницата за член во Советот за развој на Југоисточниот плански регион и Одлука за распишување на Јавен повик за избор на член во Советот за развој на Југоисточниот плански регион – претставник од здруженијата кој ќе биде објавен во следниот период. По донесувањето на овие Одлуки, а согласно Законот за рамномерен регионален развој, еден претставник од бизнис заедницата и еден претставник од здружение ќе влезат како членови во Советот за развој на Југоисточен плански регион без право на глас со мандат од четири години.

На крајот од Седницата, Директорката на Центарот за развој на ЈИПР, Г-а Ѓуркова ги информираше членовите на Советот за тековните проекти кои ги реализира Центарот како и за активностите кои се обврска на Советот за развој на Југоисточниот плански регион во наредниот период.

 

ОТВОРЕН ПРВИОТ ЦЕНТАР ЗА ПОДДРШКА НА СОЦИЈАЛНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА И ОДРЖАН ПРВИОТ САЕМ ЗА СОЦИЈАЛНО ПРЕТПРИЕМНИШТВО

На 19.11.2021 година  во рамките на проектот „Поддршка на социјално претприемништво“, беше отворен Центарот за поддршка на социјални претпријатија во Скопје и одржан првиот Национален саем за социјални претпријатија на кој со свои штандови се претставија повеќе од 50 изложувачи, меѓу кои и организации и компании од Југоисточниот плански регион, заедно со претставници од Регионалната Канцеларија за социјално претприемништво од Струмица. Овој проект е финансиран од Европската Унија, а спроведен од Ептиса, во конзорциум со Барка и Екорис, во соработка со Министерството за труд и социјална политика.

Центарот за поддршка на социјални претпријатија на своите корисници (организации, социјални претпријатија, институции и поединци), ќе им обезбеди  совети, насоки и помош за практични прашања и предизвици, како што се: прибирање средства, регистрација на компанија, можности за вмрежување, бизнис развој, аспекти за вработување, набавки, градење партнерства, достапна финансиска поддршка, маркетинг и многу други услуги.

Свечено обраќање имаа: Вицепремиерот на Владата на Република Северна Македонија Фатмир Битиќи, Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, Штефан Худолин, одговорен за соработка при Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија и Проектниот лидер – Барбара Садовска.