Одржана II (втората) Седница на Советот за развој на ЈИПР

На 05.12.2025 година (петок), со почеток во 14:00 часот, се одржа Втората седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион. На седницата беа разгледани и усвоени повеќе точки од значење за унапредување на развојните процеси во регионот.

Советот го усвои Записникот од Првата конститутивна седница и донесе одлуки за примопредавање на:

  • објект – зградата на ТППЕ Радовиш, како дел од проектот „Подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти во Југоисточниот регион“;

  • комунално возило за општина Богданци, дел од проектот „Подобрување на комунален услуги во Југоисточниот плански регион преку набавка на возила за општина Богданци“;

Исто така  Советот донесе одлуки за примопредавање на помошна опрема од вкупно 24 смарт табли за општините: Босилово, Ново Село, Василево и Богданци.

Советот даде согласност за склучување договори за вработување на определено време за проектни асистенти на четири регионални проекти: TAX4ALL, FIREDEFEND, GREEN FOR GOOD и HEART SAFE CBA.

На крајот, се отвори дискусија за започнување на подготовките за новата тендерска постапка за дезинсекција – третмани за заштита од комарци.

ОГЛАС ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА 2 (ДВАЈЦА) ПРОЕКТНИ АСИСТЕНТИ

                                      

 

ЈАВЕН ОГЛАС

ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА 2 (ДВАЈЦА) ИЗВРШИТЕЛИ

 

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион објавува Јавен оглас за вработување на 2 (двајца) извршители – проектни асистенти за потребите на проектите „Зелено за добро“ – G4G и „Детекција на пожари и засилена мрежа за итни случаи против пожари за отстранување на отпад“ – FIREDEFEND, финансирани од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Република Северна Македонија 2021–2027.

Работното ангажирање е на определено време од 24 месеци, со работно време од 20 часа неделно.

Заинтересираните кандидати треба да ги достават потребните документи најдоцна до 16.12.2025 година (вторник), до 16:00 часот, во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Бул. „Маршал Тито“ бр. 1-1, 2400 Струмица.

За сите дополнителни детали околу условите, критериумите, потребната документација и постапката за пријавување, Ве молиме преземете го целосниот оглас на следниот линк:

👉 Јавен оглас за ангажирање на 2 (двајца) извршители

A

A

A

A

A

The G4G and FIREDEFEND projects are implemented within the framework of the Interreg VI-A IPA Programme “Greece – North Macedonia 2021-2027”
and are co-financed by the European Union at 80% and by national funds at 20%

Јавен повик за избор на член во Советот за развој на Југоисточниот плански регион – претставник од здруженијата

Согласно член 21 став 7 – 15  од Законот за рамномерен регионален развој („Службен весник на РСМ“ бр.24/21, 174/21 и 241/24),член 1 став 2 и член 2 став 1 алинеа 19 и член 6 став 1 од Деловникот за работана Советот за развој на Југоисточниот плански регион бр. 08-257/1 од 23.06.2021 год., Советот за развој на Југоисточниот плански регион распишува:

 

Јавен повик

за избор на член во Советот за развој на Југоисточниот плански регион – претставник од здруженијата

 

Основни критериуми за избор на член – претставник од здруженијата во Советот за развој на Југоисточниот плански регион се:

  • правните лица, апликанти да бидат регистрирани најмалку две години, со седиште и делување на подрачјето на општина во состав на планскиот регион,
  • правните лица, апликанти согласно со Статутот на организацијата да делуваат во областа на локалниот и на регионалниот развој и
  • правните лица, апликанти да имаат имплементирано најмалку два проекти од областа на локалниот и регионалниот развој.

 

Членот – претставник од здруженијата во Советот за развој на Југоисточниот регион се избира со мандат од 4 (четири) години и нема право на глас.

Рок за пријавување: Јавниот повик е отворен до 10.12.2025 година.

 

Заинтересираните правни лица / апликанти да достават документи со кои ќе докажат дека ги исполнуваат критериумите за избор наведени во Јавниот повик и тоа задолжително:

 

Пријавите по Јавниот повик со потребните документи да се достават до Архивата на Центар за развој на Југоисточниот плански регион – Струмица, на адреса Бул. „Маршал Тито“ бр.1-1, 2400 Струмица, со назнака:

„Пријава по Јавен повик за избор на член во Советот за развој на Југоисточниот плански регион – претставник од здруженијата“.

Пријавите испратени по електронски пат нема да бидат земени во предвид.

Нецелосната документација и документацијата доставена по истекот на рокот за аплицирање нема да биде разгледувана.

 

Лице за контакт за јавниот повик: Даниела Мафкова тел: 075/784-488 и 034/340-139.

Врз основа на јавниот повик, комисија за спроведување на Јавниот повик ги разгледува доставените пријави и составува листа на здруженија кои ги исполнуваат критериумите од огласот.

Пријавените кандидати кои ги исполнуваат критериумите од јавниот повик, со мнозинство гласови одлучуваат кој од нив ќе ги претставува во Советот за развој на Југоисточниот плански регион, на состанок организиран од претседателот на комисијата за спроведување на јавниот повик во рок од 15 дена од денот на завршување на јавниот повик.

Претседателот на комисијата за спроведување на јавниот повик упатува официјална покана до здруженијата кои се пријавиле на јавниот повик.

Поканата се објавува на веб-страницата на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион (https://southeast.mk/) најмалку три дена пред датумот на одржување на состанокот.

Совет за развој на Југоисточниот плански регион

Претседател

Петар Јанков

Целосниот текст на Јавниот повик како и пријавата може да се превземат од следниве линкови:

  1. Јавен повик
  2. Пријава

 

 

­

 

Одржана Првата Конститутивна Седница на Советот за развој на ЈИПР

На Конститутивната седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион, одржана на 19.11.2025 година, беше избран новиот состав на Советот и верифицирани мандатите на десетте градоначалници кои во наредните четири години, ќе носат одлуки во интерес на регионот. На седницата, градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, беше избран за претседател на Советот за развој на Југоисточниот плански регион.
Јанков се заблагодари за довербата и најави засилена меѓуопштинска соработка. Во неговиот мандат, фокусот ќе биде ставен на регионални иницијативи и развојни проекти кои ќе придонесат за подобар квалитет на живот во руралните и урбаните средини.
„Работиме заедно за посилен, напреден и подобро поврзан регион“, истакна тој.
На истата седница, Јован Коцев, досегашен раководител на одделението за меѓуопштинска соработка и регионален развој, беше избран за вршител на должност директор на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.
Југоисточниот плански регион продолжува да се развива со ново раководство, свежа енергија и јасна визија за уште посилен регионален развој.

„Кон прекугранична област, безбедна за срцето“

Проектот „Кон прекугранична област, безбедна за срцето“ има за цел да набави нова опрема за итната медицинска помош во прекуграничниот регион меѓу Грција и Северна Македонија. Со набавка на нови амбулантни возила, ЕКГ апарати, дефибрилатори и обуки за здравствени работници и граѓани, ќе се овозможи побрза и поефикасна реакција при срцев удар и други итни случаи.

Почетен состанок на проектот „Зелено за добро“

На 15 октомври 2025 година, во Гевгелија, се одржа почетниот состанок на проектот „Зелено за добро“ (G4G), во организација на партнерот ЧИСС Меѓународна соработка Југ Југ подружница Скопје. На состанокот присуствуваа претставници од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион (ЦРЈИПР) како водечки партнер на проектот, заедно со останатите проектни партнери од Грција, Центарот за истражување и технолошки развој – CERTH и Општина Терми.

Настанот го означи официјалниот почеток на имплементацијата на проектот, кој се реализира во рамките на Програмата за прекугранична соработка Интеррег ИПА Грција – Северна Македонија 2021–2027, кофинансирана од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички.

За време на состанокот, партнерите ги презентираа своите активности и улоги во проектот. Претставниците на Центарот како водечки партнер ги претставија активностите поврзани со координацијата, административното управување и спроведувањето на главната инвестиција – набавка и поставување на шест брзи електрични полначи во општините Валандово, Струмица, Радовиш, Гевгелија, Дојран и Ново Село.

Посебен дел од агендата беше посветен на посетата на локацијата во Гевгелија, која во рамките на проектот ќе биде трансформирана во Центар за едукација за обновливи извори на енергија. Овој центар ќе служи како место за обука, работилници и активности за подигање на јавната свест за одржлива енергија и заштита на животната средина.

Проектот „Зелено за добро“ има за цел да поттикне развој на нискојаглеродна економија, да ја зајакне употребата на обновливи извори на енергија и да придонесе за одржлив туризам и зелена транзиција во прекуграничниот регион меѓу Северна Македонија и Грција.

Со заеднички активности и партнерства, проектот придонесува кон остварување на целите на Европскиот зелен договор и создавање на почиста, поотпорна и одржлива иднина за регионот.

Работен состанок за имплементација на проектот SEBCoVE – Паметна електрична енергија за згради

На 14 октомври 2025 година во Скопје се одржа целодневен работен состанок посветен на имплементацијата на проектот SEBCoVE (Smart Electric Buildings Competence Vocational Excellence), финансиран преку Erasmus+ програма на Европската комисија – Брисел, со вкупна вредност од 3,7 милиони евра.

На состанокот активно учествуваа тимовите на трите партнерски институции: Емкице, Југоисточен плански регион и ССКМ. На средбата се разгледаа изминатите активности, тековните обврски и финансиската документација за новата транша на буџетот, како и приоритетите за следните девет месеци од спроведувањето на проектот.

Како домаќин на настанот, новоизбраниот претседател на ССКМ, г. Горан Ѓорѓиевски, го презентираше новото раководство на Комората, новоформираните работни тела и групации, како и клучните насоки во кои ќе се развива организацијата. Особено внимание беше посветено на потребата за едукација и сертификација на нови профили на стручен кадар, кои се дефицитарни на пазарот на труд и претставуваат важен сегмент за економски раст – во согласност со целите на проектот SEBCoVE.

Од страна на Југоисточниот плански регион се презентираа финансиските аспекти и регионалните потреби за развој на компетенции во секторите енергетика, електроника и електрика, при што беа истакнати 12-те модули за обука кои ќе резултираат со европски сертификати.

Националниот координатор на проектот, г. Илија Вучков, даде преглед на реализираните и планираните активности, како и идните чекори поврзани со формалното воспоставување на CoVE – Centre of Vocational Excellence. Овој центар ќе претставува регионален екосистем кој ги обединува образовните институции, бизнис секторот и јавните институции со цел развој на иновативни програми за обука, практична работа и нови услуги во областа на паметната електрична енергија за згради.

CoVE ќе понуди:
* ко-дизајн на наставни програми заедно со компаниите
* пилот проекти и практична работа во реални компании
* мобилности и стажирања за ученици и наставници
* воведување европски стандарди и следење на резултати
* поддршка за стартапи и иновации и пристап до ЕУ финансирање

Во финална фаза е подготовката на 12 сертифицирани обуки, а наскоро ќе биде објавен јавен повик за *експерти, предавачи и млади професионалци кои ќе може да се вклучат во реализацијата на програмите. Почетокот на курсевите е закажан за ноември 2025 година, а учесниците ќе имаат можност да стекнат европски признати сертификати во области како што се:

* дигитализација и автоматизација
* обновливи извори на енергија
* системи за складирање и анализа на енергија
* инсталација на електрични мрежи и EV станици
* управување со одржливост и енергетска ефикасност

Проектот SEBCoVE претставува значаен чекор кон создавање на стручна работна сила подготвена да одговори на предизвиците на енергетската транзиција и да придонесе за одржлив економски развој на Република Македонија.

Прв состанок на Регионалната група на засегнати страни за проектот SIJMA

Како општествените иновации во комбинација со претприемништвото можат да отворат нови можности за вработување и одржлив развој – беше во фокусот на првиот состанок на Регионалната група на засегнати страни за проектот SIJMA.

Состанокот се одржа на 6 октомври 2025 година, во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во Струмица, и ги обедини претставниците на локалната самоуправа, бизнис секторот и граѓанските организации. Проектниот тим ги пренесе искуствата и добрите практики од регионот Астуриас во Шпанија, по што следеше отворен дијалог и размена на идеи со учесниците за идентификација на локалните потреби, дефинирање приоритети и создавање препораки за понатамошен економски и социјален развој.

🎯 Зошто општествени иновации во Југоисточниот регион?

Како што беше истакнато на состанокот, општествените иновации се клучен инструмент за применување на нови, креативни и одржливи решенија за социјалните, економските, демографските и еколошките предизвици со кои се соочува регионот.

Тие овозможуваат мобилизација на локалните заедници, граѓанските организации и јавните институции во заедничко решавање на проблемите и развивање на инклузивни модели на локален развој што придонесуваат за подобар квалитет на живот.

Главниот предизвик за Југоисточниот регион е унапредување на локалните и регионалните политики што поттикнуваат општествена иновација, младинско учество и претприемништво – со цел создавање нови можности за вработување, особено за младите и ранливите групи, како и јакнење на социјалната кохезија во руралните и помалку развиени општини.

Развојот на социјалното претприемништво има особено значење за регионот, бидејќи им овозможува на локалните заедници да креираат одржливи економски активности кои ги комбинираат општествените и еколошките цели со економската одржливост, придонесувајќи кон долгорочен и рамномерен регионален развој.

💡 Поврзаност со Програмата за развој на Југоисточниот плански регион

Во фокус на проектот е и Програмата за развој на Југоисточниот плански регион – клучен документ што ги дефинира стратешките приоритети и насоки за развој на регионот.

Преку SIJMA, во Програмата ќе се вградат нови содржини и конкретни мерки инспирирани од европски искуства, со што таа ќе стане практична алатка за подобрување на условите за работа и живот, а не само формален документ.

Овој пристап овозможува европските добри практики да се прилагодат на локалниот контекст, поттикнувајќи одржливи решенија, партнерства и иновации во регионот.

🔍 Главни цели на проектот SIJMA

Проектот има за цел да ги подобри политичките инструменти што ја поттикнуваат општествената иновација и претприемништвото, особено меѓу младите.

Планираните активности вклучуваат:
• Промовирање на општествените иновации во различни економски сектори;
• Креирање можности за вработување во Југоисточниот регион преку идни јавни повици и финансирања;
• Размена и пренесување на добри практики меѓу европски региони;
• Подобрување на политиките за поддршка на социјалното претприемништво.

🤝 SIJMA – Социјални иновации за можности за работа и развој во рударските региони во транзиција е проект финансиран преку програмата Interreg Europe, кој го спроведуваат Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и Блинк 42-21, во партнерство со организации од Шпанија, Унгарија, Германија и Грција.

 

Зелено за добро

Проектот „Зелено за добро“ е иницијатива за транзиција кон нискојаглеродна економија и одржлив развој во прекуграничниот регион меѓу Северна Македонија и Грција. Главната цел е промовирање на кружната економија и ефикасното управување со ресурсите преку инвестирање во обновливи извори на енергија, развој на инфраструктура за електрични возила и создавање урбани зелени површини.