Работен состанок за имплементација на проектот SEBCoVE – Паметна електрична енергија за згради

На 14 октомври 2025 година во Скопје се одржа целодневен работен состанок посветен на имплементацијата на проектот SEBCoVE (Smart Electric Buildings Competence Vocational Excellence), финансиран преку Erasmus+ програма на Европската комисија – Брисел, со вкупна вредност од 3,7 милиони евра.

На состанокот активно учествуваа тимовите на трите партнерски институции: Емкице, Југоисточен плански регион и ССКМ. На средбата се разгледаа изминатите активности, тековните обврски и финансиската документација за новата транша на буџетот, како и приоритетите за следните девет месеци од спроведувањето на проектот.

Како домаќин на настанот, новоизбраниот претседател на ССКМ, г. Горан Ѓорѓиевски, го презентираше новото раководство на Комората, новоформираните работни тела и групации, како и клучните насоки во кои ќе се развива организацијата. Особено внимание беше посветено на потребата за едукација и сертификација на нови профили на стручен кадар, кои се дефицитарни на пазарот на труд и претставуваат важен сегмент за економски раст – во согласност со целите на проектот SEBCoVE.

Од страна на Југоисточниот плански регион се презентираа финансиските аспекти и регионалните потреби за развој на компетенции во секторите енергетика, електроника и електрика, при што беа истакнати 12-те модули за обука кои ќе резултираат со европски сертификати.

Националниот координатор на проектот, г. Илија Вучков, даде преглед на реализираните и планираните активности, како и идните чекори поврзани со формалното воспоставување на CoVE – Centre of Vocational Excellence. Овој центар ќе претставува регионален екосистем кој ги обединува образовните институции, бизнис секторот и јавните институции со цел развој на иновативни програми за обука, практична работа и нови услуги во областа на паметната електрична енергија за згради.

CoVE ќе понуди:
* ко-дизајн на наставни програми заедно со компаниите
* пилот проекти и практична работа во реални компании
* мобилности и стажирања за ученици и наставници
* воведување европски стандарди и следење на резултати
* поддршка за стартапи и иновации и пристап до ЕУ финансирање

Во финална фаза е подготовката на 12 сертифицирани обуки, а наскоро ќе биде објавен јавен повик за *експерти, предавачи и млади професионалци кои ќе може да се вклучат во реализацијата на програмите. Почетокот на курсевите е закажан за ноември 2025 година, а учесниците ќе имаат можност да стекнат европски признати сертификати во области како што се:

* дигитализација и автоматизација
* обновливи извори на енергија
* системи за складирање и анализа на енергија
* инсталација на електрични мрежи и EV станици
* управување со одржливост и енергетска ефикасност

Проектот SEBCoVE претставува значаен чекор кон создавање на стручна работна сила подготвена да одговори на предизвиците на енергетската транзиција и да придонесе за одржлив економски развој на Република Македонија.

Прв состанок на Регионалната група на засегнати страни за проектот SIJMA

Како општествените иновации во комбинација со претприемништвото можат да отворат нови можности за вработување и одржлив развој – беше во фокусот на првиот состанок на Регионалната група на засегнати страни за проектот SIJMA.

Состанокот се одржа на 6 октомври 2025 година, во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во Струмица, и ги обедини претставниците на локалната самоуправа, бизнис секторот и граѓанските организации. Проектниот тим ги пренесе искуствата и добрите практики од регионот Астуриас во Шпанија, по што следеше отворен дијалог и размена на идеи со учесниците за идентификација на локалните потреби, дефинирање приоритети и создавање препораки за понатамошен економски и социјален развој.

🎯 Зошто општествени иновации во Југоисточниот регион?

Како што беше истакнато на состанокот, општествените иновации се клучен инструмент за применување на нови, креативни и одржливи решенија за социјалните, економските, демографските и еколошките предизвици со кои се соочува регионот.

Тие овозможуваат мобилизација на локалните заедници, граѓанските организации и јавните институции во заедничко решавање на проблемите и развивање на инклузивни модели на локален развој што придонесуваат за подобар квалитет на живот.

Главниот предизвик за Југоисточниот регион е унапредување на локалните и регионалните политики што поттикнуваат општествена иновација, младинско учество и претприемништво – со цел создавање нови можности за вработување, особено за младите и ранливите групи, како и јакнење на социјалната кохезија во руралните и помалку развиени општини.

Развојот на социјалното претприемништво има особено значење за регионот, бидејќи им овозможува на локалните заедници да креираат одржливи економски активности кои ги комбинираат општествените и еколошките цели со економската одржливост, придонесувајќи кон долгорочен и рамномерен регионален развој.

💡 Поврзаност со Програмата за развој на Југоисточниот плански регион

Во фокус на проектот е и Програмата за развој на Југоисточниот плански регион – клучен документ што ги дефинира стратешките приоритети и насоки за развој на регионот.

Преку SIJMA, во Програмата ќе се вградат нови содржини и конкретни мерки инспирирани од европски искуства, со што таа ќе стане практична алатка за подобрување на условите за работа и живот, а не само формален документ.

Овој пристап овозможува европските добри практики да се прилагодат на локалниот контекст, поттикнувајќи одржливи решенија, партнерства и иновации во регионот.

🔍 Главни цели на проектот SIJMA

Проектот има за цел да ги подобри политичките инструменти што ја поттикнуваат општествената иновација и претприемништвото, особено меѓу младите.

Планираните активности вклучуваат:
• Промовирање на општествените иновации во различни економски сектори;
• Креирање можности за вработување во Југоисточниот регион преку идни јавни повици и финансирања;
• Размена и пренесување на добри практики меѓу европски региони;
• Подобрување на политиките за поддршка на социјалното претприемништво.

🤝 SIJMA – Социјални иновации за можности за работа и развој во рударските региони во транзиција е проект финансиран преку програмата Interreg Europe, кој го спроведуваат Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и Блинк 42-21, во партнерство со организации од Шпанија, Унгарија, Германија и Грција.

 

Зелено за добро

Проектот „Зелено за добро“ е иницијатива за транзиција кон нискојаглеродна економија и одржлив развој во прекуграничниот регион меѓу Северна Македонија и Грција. Главната цел е промовирање на кружната економија и ефикасното управување со ресурсите преку инвестирање во обновливи извори на енергија, развој на инфраструктура за електрични возила и создавање урбани зелени површини.

Потпишани договори за два значајни регионални проекти во Југоисточниот плански регион!

Со цел унапредување на инфраструктурата и образованието, официјално беа потпишани договори за реализација на два значајни регионални проекти со општините Василево, Босилово, Богданци и Ново Село.
Проект: „Создавање на модерна патна мрежа во Југоисточниот плански регион“
Вредност: 10.329.081 денари преку Програмата зa рамномерен регионален развој за 2025 година на Бирото за регионален развој со учество на општините Босилово и Василево
Со проектот се предвидува изградба и реконструкција на клучни патни правци што ќе ги поврзат општините Василево, Босилово и Ново Село. Оваа инвестиција ќе овозможи побрз, побезбеден и поефикасен транспорт за граѓаните, учениците и земјоделците, додека во исто време ќе се зајакне регионалната поврзаност, економската соработка и локалниот развој.
Проект: „Дигитализација во основното образование со помош на смарт табли“
Вредност: 2.268.000 денари преку Програмата за Проекти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби на Бирото за регионален развој
Во рамки на овој проект, во четири основни училишта во руралните општини Василево, Богданци, Босилово и Ново Село ќе бидат инсталирани вкупно 23 интерактивни табли ќе бидат инсталирани во четири рурални училишта: во ОУ „Гоце Делчев“ – с. Василево (7 табли), ООУ „Кирил и Методиј“ – с. Стојаково (4 табли), три училишта во општина Босилово – Иловица, Босилово и Моноспитово (7 табли), и во ОУ „Мануш Турновски“ – с. Ново Село (5 табли). Таблите ќе овозможат модерна и интерактивна настава, прилагодена на потребите на учениците и наставниците од руралните средини.
И двата проекти претставуваат важен чекор кон подобрување на квалитетот на живот во руралните средини, преку вложување во инфраструктура и дигитална трансформација на образованието.

Дигитализација во основното образование со помош на смарт табли во Југоисточниот плански регион

Проектот се фокусира на унапредување на образовниот процес во основните училишта во руралните општини од Југоисточниот плански регион преку воведување на современи дигитални технологии. Целта е модернизација на наставниот процес, создавање интерактивна и подинамична едукативна средина и зголемување на ангажираноста на учениците.

Успешно реализиран прв состанок на проектот SIJMA во Овиедо, Шпанија

Во периодот од 11 до 13 јуни 2025 година, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион учествуваше на официјалниот почетен состанок на проектот СИЈМА – Социјални иновации за можности за работа и развој во рударски подрачја во транзиција ширум Европа, кој се одржа во Овиедо, главниот град на шпанската автономна покраина Астурија.

Проектот СИЈМА, финансиран од Интеррег Европа Програмата, има за цел развој на иновативни пристапи кои ќе ги подобрат можностите за вработување и социјално учество на младите. Фокусот е ставен на социјални иновации, претприемничко размислување и активно вклучување на локалните чинители.

Настанот започна со работна сесија, каде партнерите од пет земји Шпанија, Германија, Грција, Унгарија и Македонија, ги презентираа целите на проектот, работната структура и активностите кои ќе се реализираат во наредниот период. Состанокот беше одлична можност за поставување на основите за соработка, зајакнување на партнерската мрежа и усогласување на чекорите за имплементација.

Во рамки на програмата беше организирана теренска посета на биосферниот резерват Муниљос, поранешно рударско подрачје кое денес претставува пример за успешно управување со природните ресурси и транзиција кон одржлив рурален развој. Присутните имаа можност да се запознаат со повеќе локални иницијативи, како и со активности насочени кон намалување на депопулацијата и промоција на циркуларната економија. Регионалните градоначалници споделија примери како преку социјална иновација и диверзификација се обновува економијата во нивните заедници.

Во продолжение, беше организирана и посета на Долината Налон, поранешен центар на тешката индустрија. Партнерите ги посетија двата референтни центри: Валналон, технолошки парк кој ги поттикнува младите кон претприемачки дух преку образовни и стартап програми, и Аркус, отворен простор за млади каде се развиваат креативни и социјални иницијативи преку неформално учење и заедничко дејствување. Двата примери покажаа како социјалните иновации можат да создадат долгорочни перспективи за млади луѓе во слаборазвиени региони.

Проектот SIJMA, има за цел да овозможи трансфер на добри практики помеѓу различни региони и да придонесе кон подобрување на политиките за вработување, младинска вклученост и инклузивен локален развој. Искуствата од Овиедо претставуваат силна почетна точка за натамошната имплементација на активностите и за создавање услови за одржлив развој и во Југоисточниот плански регион.

Социјални иновации за можности за работа и развој во рударските области во транзиција низ Европа

Проектот “SIJMA” има за цел да создаде можности за вработување и економски развој во рударските области во транзиција, како што се Конче и Радовиш, односно руралните средини околу рудници кои се затворени и напуштени, ќе се спроведат активности насочени кон создавање нови можности за младите. Фокусот е ставен на поттикнување на социјални иновации, претприемништво и креативност, со цел младите луѓе преку преквалификација да стекнат вештини што ќе им овозможат вработување во различни дејности и развој на одржливи локални економии. Со активностите на проектот, овие области ќе бидат заживеани, а истовремено ќе се создадат одржливи работни места и нови можности за економски напредок.

 

Центарот за развој со нов проект преку Интеррег Европа Програмата

Одржливиот модел на развој бара иновативни пристапи, партнерства и насочени политики. За таа цел Центарот за развој на Југоисточниот плански регион е партнер во проектот SIJMA, финансиран преку Програмата Интеррег Европа, кој ја промовира социјалната иновација како алатка за креирање нови работни места и можности за претприемништво.

Continue reading