📢 Почетен (Kick-off) состанок во рамки на проектот TX4ALL

На 17 март 2026 година, во Солун, Грција, се одржа почетниот (kick-off) состанок во рамки на проектот „Accessibility and inclusion for all to public tourism assets & services“ (TX4ALL), финансиран од Европската Унија преку Интеррег VI-A ИПА Програмата „Грција – Северна Македонија 2021–2027“.

Состанокот беше организиран од водечкиот партнер – Институтот на Националната конфедерација на лица со попреченост (IN-ESAmeA) од Грција, а на истиот учествуваа сите проектни партнери.

Во рамки на состанокот, партнерите ги презентираа своите организации, проектни тимови и планираните активности, со посебен акцент на улогата на секој партнер во реализацијата на проектот. Дополнително, беше направен преглед на проектните работни пакети, комуникациските активности, како и следните чекори за успешна имплементација.

Посебно внимание беше посветено на координацијата помеѓу партнерите, временската рамка за реализација на активностите, како и подготовката и спроведувањето на јавните набавки, кои претставуваат клучен сегмент во проектот.

🔹 Во рамки на проектот, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ќе реализира повеќе активности насочени кон подобрување на пристапноста во туризмот, меѓу кои:

  • создавање на инклузивна плажа на Дојранското Езеро
    • набавка на инклузивно опремено возило
    • изработка на мобилна апликација
    • набавка на електрични возила за разгледување на туристички локации
    • набавка на аудио-базиран систем за лица со оштетен вид
    • поставување на 14 универзално пристапни знаци за насочување
    • инсталација на нов лифт во зградата на Центарот
    • набавка на 18 мобилни рампи за општините во регионот

Проектот TX4ALL претставува значаен чекор кон создавање на подостапен, поинклузивен и одржлив туризам, кој ќе овозможи еднаков пристап до туристичките услуги за сите граѓани.

#TX4ALL #Инклузија #Пристапност #Интеррег #ЕУПроекти

Одржан првиот работен состанок за проектот „Heart Safe CBA“

На 24 март 2026 година официјално започна имплементацијата на проектот „Кон прекугранична област, безбедна за срцето“ (Heart Safe CBA), со одржувањето на првиот работен состанок.

Проектот се реализира во рамките на Програмата за прекугранична соработка Интеррег ИПА Грција – Северна Македонија 2021–2027, кофинансирана од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички.

На настанот присуствуваа претставници од сите партнерски институции – Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Општата болница АХЕПА од Солун и Друштвото за итна претхоспитална нега на Грција. На состанокот беше дискутирано за координација на активностите, дефинирање на следните чекори и зајакнување на прекуграничната соработка во областа на итната медицинска помош.

Проектот предвидува значајни инвестиции во здравствената инфраструктура во Југоисточниот регион. Планирана е набавка и поставување на 18 автоматски (мобилни) дефибрилатори на јавни локации, вклучително општински објекти и граничните премини во Гевгелија, Дојран и Ново Село. Дополнително, ќе бидат обезбедени 6 полуавтоматски дефибрилатори, 6 ЕКГ апарати и 4 целосно опремени амбулантни возила за потребите на здравствените домови.

Посебен акцент на состанокот беше ставен на организацијата на обемна програма за едукација. Во рамки на проектот ќе се реализираат 60 обуки за укажување прва помош со користење на дефибрилатори, наменети за доктори, медицински персонал, вработени во повеќе институции, како и за граѓаните од регионот.

Со реализацијата на овие активности, проектот „Heart Safe CBA“ има за цел да го унапреди системот за итна медицинска помош, да ја зголеми подготвеноста за реагирање при срцеви итни случаи и да придонесе кон создавање побезбедна и поотпорна прекугранична заедница.

Прва работилница во рамки на проектот Зелено за добро G4G – одржана во Солун

На 23 март 2026 година, во просториите на CERTH во Солун се одржа првата работилница на проектот „Зелено за добро“ (G4G), организирана од страна на Центарот за истражување и технологија, Hellas.

На настанот присуствуваа партнерите на проектот – Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, ЧИСС Меѓународна соработка Југ Југ подружница Скопје, Центарот за истражување и технологија Хелас и Општина Терми – кои заедно со другите учесници придонесоа кон конструктивна размена на ставови и предлози за одржлив туризам.

Работилницата опфати презентации и интерактивна студија на случај, фокусирана на Солун како стратешка туристичка дестинација, создавајќи простор за дискусија, размислување и споделување практични идеи. Учесниците истражуваа како туризмот може да се развива на поурамнотежен и поодржлив начин, а притоа да одговори и на потребите на локалните заедници и посетителите.

Како прва работилница организирана во рамките на проектот G4G, настанот означи значаен почеток на оваа серија активности и ја истакна вредноста на соработката, размената на знаење и заедничкото дејствување кон поодржливи и поотпорни заедници.

„Прекугранична соработка за рана детекција и превенција на пожари на диви депонии“

На 6 март 2026 година во Солун Грција, се одржа почетниот состанок на проектот FIREDEFEND – Fire Detection and Enhanced Fire Emergency Network for Waste Disposal, со кој официјално започна имплементацијата на проектните активности.

Во рамки на состанокот, партнерите ги претставија своите организации и проектни тимови како и планираните активности и работни пакети. Беа разгледани клучните аспекти на управувањето со проектот, финансиските и административните правила, комуникациските обврски, како и следните чекори за успешна реализација на проектот.

Проектот има за цел подобрување на системите за рана детекција на пожари на депонии и зајакнување на капацитетите за превенција и управување со ризици, преку инсталирање пилот системи за рано откривање на пожари и размена на искуства и добри практики помеѓу партнерите од Грција и Северна Македонија.

Во рамки на настанот беше организирана и студиска посета на Еколошкиот Парк Терми-Панорама, кој претставува успешен пример за трансформација на поранешна неконтролирана депонија во современ еколошки парк.

Изразуваме искрена благодарност до нашите Водечки Партнери – FoDSA (Regional Association of Solid Waste Management Agencies in Central Macedonia) за одличната организација и гостопримството.

Проектот FIREDEFEND се имплементира во рамките на Interreg VI-A IPA Programme Greece – North Macedonia 2021–2027, кофинансиран од Европска Унија и националните фондови на земјите учеснички.

#FIREDEFEND #Interreg #CrossBorderCooperation #Environment #FirePrevention

Успешно реализирана прес-конференција за проектот „Зелено за добро“ (G4G)

На 04 март 2026 година, во Хотел „Сириус“ – Струмица, се одржа првата прес-конференција за проектот „Зелено за добро“ (Green for Good – G4G), што се реализира во рамки на Интеррег VI-A ИПА Програмата „Грција – Северна Македонија 2021–2027“. Проектот е кофинансиран од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички.
Настанот беше организиран од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, со присуство на претставници на проектот, институции, владини претставници и медиуми.
Изјави за медиумите дадоа Златко Перински – министер за локална самоуправа, Петар Јанков – претседател на Советот за развој на Југоисточниот плански регион / градоначалник на Општина Струмица и Јован Коцев – в.д. директор на ЦРЈИПР, по што следуваа нивни поздравни обраќања, заедно со обраќање од Горан Бошков – претставник од CISS. Во своето обраќање, в.д. директорот на ЦРЈИПР, Јован Коцев, истакна: „Вредноста на овој проект, не е само во поединечните активности туку и во основата што ја поставува за долгорочни промени. Тој го зајакнува капацитетот на регионот да планира и да инвестира стратешки, со подобра координација меѓу општините и усогласување со националните политики и европските програми.“
Во продолжение беше презентиран проектот „Зелено за добро“ (G4G) и беше прикажано промотивно видео. Проектот е насочен кон намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот; поголема употреба на обновлива енергија и воведување на паметно управување со енергијата; унапредување на одржлива мобилност; развој на зелена урбана инфраструктура и еколошко образование; како и зајакнување на прекуграничната соработка преку заеднички иницијативи и структури на управување.
Во рамки на проектот се планираат и конкретни активности и инвестиции, меѓу кои поставување на 8 станици за брзо полнење електрични возила во прекуграничниот регион, инсталација на фотоволтаични системи во повеќе општини и воспоставување Центри за зелено образование со цел долгорочни и одржливи придобивки за заедницата.
Настанот заврши со сесија прашања и одговори и конструктивна дискусија за наредните активности и следните чекори во имплементацијата на проектот.

           

Одржана IV седница на Советот за развој на ЈИПР

Во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во Струмица се одржа IV седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион, со која претседаваше градоначалникот Петар Јанков.
На седницата беа разгледани и усвоени повеќе точки од значење за понатамошниот развој на регионот, со посебен акцент на актуелните отворени повици за финансирање на проекти од национален интерес.
Советот го разгледа Повикот за финансирање предлог-проекти за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година, објавен од Министерството за локална самоуправа, со вкупен буџет од 74.840.000 денари, наменет за сите осум центри за развој во Република Северна Македонија. По разгледување на приоритетите, членовите на Советот едногласно донесоа одлука за аплицирање со проект за набавка на комунално возило за општина Валандово.
Воедно беше разгледан и повикот од Бирото за регионален развој, со вкупен износ од 81.545.150 денари за финансирање проекти во планските региони. Согласно Одлуката за класификација на планските региони според степенот на развиеност за периодот 2024–2028 година, за Центарот за развој на ЈИПР се предвидени околу 10.200.000 денари. Во рамки на овој повик беше донесена одлука за аплицирање со проект за набавка на комунално возило за општина Струмица, како и проект за изградба на пат во населеното место Старо Владиевци, до црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во општина Василево.
Сите општини ќе учествуваат со сопствено кофинансирање, со што дополнително се потврдува заедничката посветеност кон реализација на приоритетните проекти.
Со донесените одлуки, Советот ја нагласи потребата од координиран и стратешки пристап во користењето на расположливите финансиски средства, со цел унапредување на инфраструктурата, подобрување на комуналните услуги и обезбедување рамномерен развој на целиот Југоисточен плански регион.

ОГЛАС ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА 2 (ДВАЈЦА) ПРОЕКТНИ АСИСТЕНТИ

                                                 

ЈАВЕН ОГЛАС

 ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА 2 (ДВАЈЦА) ИЗВРШИТЕЛИ

 

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион објавува Јавен оглас за вработување на 2 (двајца) извршители – проектни асистенти за потребите на проектите „Кон прекугранична област, безбедна за срцето – HEART SAFE CBA“ –  и „Пристапност и вклучување за сите во јавните туристички средства и услуги за туризам – TX4ALL“ , финансирани од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Република Северна Македонија 2021–2027.

Работното ангажирање е на определено време од 24 месеци, со работно време од 20 часа неделно.

Заинтересираните кандидати треба да ги достават потребните документи најдоцна до 27.01.2026 година (вторник), до 16:00 часот, во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Бул. „Маршал Тито“ бр. 1-1, 2400 Струмица.

За сите дополнителни детали околу условите, критериумите, потребната документација и постапката за пријавување, Ве молиме преземете го целосниот оглас на следниот линк:

👉 Јавен оглас за ангажирање на 2 (двајца) извршители

Одржана III седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион

На ден 25.12.2025 година (четврток), со почеток во 14:00 часот, во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, се одржа III (третата) седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион.

На седницата се усвои записникот од претходната седница, а беа донесни и одлуки поврзани со избор на член од бизнис заедницата, финансискиот и акциониот план за 2026 година на Центарот, имплементација на проекти, активности за дезинсекција, како и презентации на нови технологии, дигиталната платформа мЗаедница и проектите CAAIVE и SEBCoVE.

На оваа седница членовите на Советот беа известени дека за член на Советот од редот на здруженијата беше избран Локална Акциона група Беласица – Огражден, Босилово, претставувано  од страна на Г-н Сашо Поповски, а од страна на Стопанска Комора на РСМ беше номиниран Г-н  Ристе Скилески за чиј избор беше донесена Одлука од страна на Советот.

Во рамки на седницата, членовите на Советот за развој имаа можност да се запознаат со нови начини и современи технологии поврзани со третман на отпадни води, прскање против комарци и дератизација, како и со дигиталната платформа мЗаедница и проектите CAAIVE и SEBCoVE, насочени кон примена на вештачка интелигенција и дигитализација на јавните услуги.

Избрани претставници од здруженијата и бизнис секторот за членови на Советот за развој на ЈИПР

Во рамки на спроведената постапка согласно законските прописи и објавениот Јавен повик, беше извршен избор на член од редот на здруженијата на Советот за развој на Југоисточниот плански регион.

Како претставник од здруженијата е избрана Локалната Акциона група „Беласица – Огражден“ од Босилово, претставувана од г. Сашо Поповски.

Исто така, од страна на Стопанската комора на Република Северна Македонија беше извршена номинација на г. Ристе Скилески како претставник од бизнис секторот, по што беше донесена соодветна одлука за негово членство во составот на Советот за развој на Југоисточниот плански регион.

Со ваквиот состав се овозможува поширока вклученост на граѓанскиот и бизнис секторот во процесите на регионален развој во Југоисточниот плански регион.

Покана за состанок до здруженијата кои се пријавиле по Јавниот повик за избор на член – претставник од здруженијата во Советот за развој на ЈИПР

До

Локална Акциона Група Беласица – Огражден, Босилово

ЦЕЛОР – Центар за локален развој, Радовиш

 

Врз основа на член 21 став 13, 14 и 15 од Законот за рамномерен регионален развој („Службен весник на РСМ“ број 24/21, 174/21 241/24 ) и член 6 од Одлуката за распишување на јавен повик за избор на член во Советот за развој на Југоисточниот плански регион – претставник од здруженијата бр. 08-183/7 од 19.11.2025 годинаПретседателот на Комисијата за спроведување на јавниот повик за избор на член во Советот за развој на Југоисточниот плански регион – претставник од здруженијата, упатува: 

 

Покана за состанок

до здруженијата кои се пријавиле по Јавниот повик за избор на член во

Советот за развој на Југоисточниот плански регион – претставник од здруженијата

 

 

Почитувани,

Како апликанти по Јавниот повик за избор на член – претставник од здруженијата во Советот за развој на Југоисточниот плански регион, Ве покануваме на состанок на ден 22.12.2025 година (понеделник) со почеток во 12:00 часот, во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион на адреса Бул. Маршал Тито бр.1-1, 2400 Струмица.

На состанокот може да учествуваат сите здруженија кои доставиле Пријава по Јавниот повик, а може да одлучуваат само здруженијата кои ги исполнуваат критериумите од Јавниот повик и тоа преку овластените лица на здруженијата или лица ополномоштени од нив кои се должни да достават:

  • полномошно за учество на состанокот за здруженијата кои се пријавиле по Јавниот повик, но не ги исполнуваат критериумите назначени во повикот во оригинал со печат и своерачен потпис од овластеното лице или
  • полномошно за учество и одлучување за здруженијата кои се пријавиле и кои ги исполнуваат условите од Јавниот повик во оригинал со печат и своерачен потпис од овластеното лице.

На состанокот, пријавените кандидати кои ги исполнуваат критериумите од Јавниот повик, со мнозинство гласови одлучуваат кој од нив ќе ги претставува во Советот за развој на Југоисточниот плански регион, како член – претставник од здруженијата, без право на глас, со мандат од 4 (четири) години.

Здруженија кои ги исполнуваат критериумите од Јавниот повик се:

  1. Локална Акциона Група Беласица – Огражден, Босилово
  1. ЦЕЛОР – Центар за локален развој, Радовиш

Со почит,

19.12.2025 година

 

                                                                                                                                                                                                                                                                Претседател,                                                                                                                                                   Ѓоко Ристовски