ОДРЖАНА II (ВТОРАТА) СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ ЗА РАЗВОЈ НА ЈУГОИСТОЧНИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН

На 30.11.2021 година (вторник), во општина Гевгелија, се одржa втората Седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион.

На Седницата присуствуваа Градоначалниците од општините во состав на Југоисточниот плански регион и директорката на Центарот за развој на Југоисточниот регион, Г-ѓа Жулиета Ѓуркова.

На одржаната седница Г-ѓа Ѓуркова пред присутните ги презентираше сите превземени чекори и активности кои се досега направени во соработка со општините во рамки на проектите „Изградба на две прифатилишта за бездомни животни 1-ва и 2-ра фаза“. По исцрпната дискусија сите Градоначалници се согласија се согласија секој во својата општина заедно со апштинската администрација, населението и советниците да го продискутираат понатамошното функционирање на изградениот стационар па потоа секоја општина да ги даде заклучоците на следната седница на Советот за развој на  ЈИПР.

Г-ѓа Ѓуркова исто така ги презентираше сите превземени чекори и активности за изградбата на регионалната депонија за Југоисточниот плански регион, односно воведувањето на регионалното интегрирано управување со комуналниот цврст отпад во Југоисточниот плански регион.

На оваа седница беше донесена и одлука за примопредавање на објект (пат) изграден во рамките на проектот „Изградба на локалниот пат с. Зубово спој со пат с.Ново Село – с.Мокриево“.

 

 

Советот за развој на Југоисточниот плански регион доби нов Претседател

На 23.11.2021 година во општина Струмица беше одржана првата конституивна Седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион на која присуствуваа градоначалниците на десетте општини во регионот, директорката и претставници на Центарот развој на Југоисточниот плански регион.

Согласно дневниот ред на градоначалниците од општините во регионот им беше верификуван градоначалничкиот мандат, а по конституирањето на Советот, за Претседател едногласно беше избран Градоначалникот на општина Гевгелија, Г-н Андон Сарамандов, кој ќе претседава со Советот за развој на Југоисточниот плански регион со мандат од една година. Тој се заблагодари на довербата на своите колеги градоначалници и истакна дека треба предност да им се даде на регионалните проекти кои се издржани и се квалитетни на подолг рок и дека се потребни трајни решенија за подобар и поквалитетен живот и во руралните и во градските средини. На сите градоначалници како членови во Советот на Југоисточен плански регион, обврска им е во наредниот период да го направат овој дел од државата да биде најпривлечен и за инвестиции и за живот.

На Седницата Советот донесе Одлука за отпочнување на постапка за избор на претставник од бизнис заедницата за член во Советот за развој на Југоисточниот плански регион и Одлука за распишување на Јавен повик за избор на член во Советот за развој на Југоисточниот плански регион – претставник од здруженијата кој ќе биде објавен во следниот период. По донесувањето на овие Одлуки, а согласно Законот за рамномерен регионален развој, еден претставник од бизнис заедницата и еден претставник од здружение ќе влезат како членови во Советот за развој на Југоисточен плански регион без право на глас со мандат од четири години.

На крајот од Седницата, Директорката на Центарот за развој на ЈИПР, Г-а Ѓуркова ги информираше членовите на Советот за тековните проекти кои ги реализира Центарот како и за активностите кои се обврска на Советот за развој на Југоисточниот плански регион во наредниот период.

 

Одржана триесеттата (XXX) Седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион

Советот за развој на Југоисточниот плански регион, на ден 06.09.2021 година (понеделник), ја одржа триесеттата седница. Поради настаната ситуација со COVID-19, истата беше одржана онлајн на платформата ZOOM.

На Седницата присуствуваа Градоначалниците од општините во состав на Југоисточниот плански регион и директорката на Центарот за развој на Југоисточниот регион, Жулиета Ѓуркова.

На одржаната седница едногласно беа донесени Одлука за одобрување на проектот „Рано откривање на пожарите и нивно движење за превенција и справување со катастрофи“ – eFIDAR со новиот буџет согласно преговорите пред потпишување на договор и Одлука за одобрување на проектот „Деловен екосистем како интегриран систем“ – Be In со новиот буџет согласно преговорите пред потпишување на договор, а се финансирани преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Република Северна Македонија.

Одржана дваесет и деветтата(XXIX) Седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион

На 18.08.2021 година (среда) се одржа дваесeт и деветтата (XXIX) Седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион,онлајн преку виртуелната платформа ZOOM.

На Седницата присуствуваа Градоначалниците од општините во состав на Југоисточниот плански регион и директорката на Центарот за развој на Југоисточниот регион, Жулиета Ѓуркова.

На одржаната седница беше донесена Одлука за утврдување на учество со членови во Управниот или Надзорниот орган на општините во Заедничкото Јавно претпријатие за заловување на бездомни кучиња „АСТРА-ЛУНА“ – Струмица.
Директорката на Центарот за развој на Југоисточниот регион, Г-а Ѓуркова ги извести членовите на советот дека Заедничкото Јавно претпријатие за заловување на бездомни кучиња „АСТРА-ЛУНА“ – Струмица е регистрирано и согласно одлуката за основање назначен е и В.Д директор ветеринарен лекар Г-а Сузана Стојкова, од страна на претседателот на регионот односно, градоначалникот на општина Струмица Г-ин Коста Јаневски. Од нејзина страна беше образложено дека е неопходно да се издаде Дозвола од Агенцијата за храна и ветеринарство, за да може стационарот да започне со работа. Овие документи мора да бидат одобрени од Управниот одбор, поради што неопходно е негово брзо формирање. Од тие причини им беше даден благовремен рок на Советите на општините да предложат членови на Управниот и Надзорниот одбор, додека Одлуката за избор ќе ја донесе Советот за развој на Југоисточниот плански регион.

Одржана дваесет и осмата седница (XXVIII) на Советот за развој на Југоисточниот плански регион

На 23.06.2021 година (среда) се одржа дваесeт и осмата (XXVIII) Седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион.

На седницата беше донесена Одлука за преотстапување на мост по проектот „Изградба на мост на река Турија на локален пат с. Просениково – с. Сарај“ финансиран од ПРРР за 2020 година, кој проект беше завршен во Март 2021 година, а општина Струмица учествуваше со кофинансирање на истиот.

Исто така беше донесена и Одлука за усвојување на Стратегијата за Биолошка разновидност и Акционен План за Југоисточен плански регион, реализирани во рамки на Проектот „Заеднички стратегии за заштита на биолошката разновидност и одржлив развој на билатералната мрежа на заштитени подрачја – COMBINE2PROTECT“, преку ИНТЕРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Република Северна Македонија, а имплементиран од страна на Центарот заедно со Универзитет “Аристотел” во Солун – Посебна единица за истражувачки фондови – Оддел за биологија, Грција, Државен инспекторат за животна средина, Р.С.Македонија, Регион на Западна Македонија, Грција. Донесувањето на оваа Одлука беше причина и  за покренување на иницијатива за заштита на планината Беласица заедно со Моноспитското блато.

Советот за развој на Југоисточниот плански регион поради измени на Законот за Рамномерен Регионален Развој, имаше законска обврска да изврши измени и дополнување на Деловодникот на Советот, па од тие причини ја донесе и усвои Одлуката за усвојување на Деловник за работа на Советот за развој на Југоисточниот плански регион.

Усвоена Програмата за развој на Југоисточниот плански регион за период од 2021 – 2026 година

На 15.04.2021 се одржа дваесет и седмата (XXVII) редовна седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион, на која раководителот на Центарот за развој на ЈИПР, Г-а Жулиета Ѓуркова пред присутните ја презентираше Програмата за развој на Југоисточниот плански регион за период од 2021-2026 година.

Изработката на новата Програма за развој на Југоисточниот плански регион 2021-2026 се темели на несебичната вклученост на сите засегнати страни од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, а посебно од вработените во одделенијата за Локален Економски Развој во општините од Југоисточниот плански регион, со цел создавање на еден квалитетен среднорочен стратешки документ и основа за идна соработка и заедничка имплементација на Програмата.

По претходната согласност од страна на Советот за рамномерен регионален развој на Република Северна Македонија, Програмата за развој на Југоисточниот плански регион за период од 2021 – 2026 година беше едногласно усвоена од Советот за развој на Југоисточниот плански регион.

Подготовката и содржината на Програмата е целосно изработена во согласност со рамката и содржината на Правилникот за методологијата за изработка на планските документи за регионален развој, донесен од страна на Министерството за локална самоуправа и е усогласена со Стратегијата за регионален развој на Република Северна Македонија 2021 – 2031.

Процесот на изготвување на Програмата за развој на Југоисточниот плански регион е поддржан од Министерството за локална самоуправа преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, кој се спроведува со поддршка на Швајцарската Агенција за развој и соработка во Република Северна Македонија.

Програмата може да ја најдете на следниов линк.

 

Одржана дваесет и шестата (XXVI) седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион

На 31.03.2021 година (среда) се одржа дваесeт и шестата (XXVI) Седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион. Поради пандемијата седницата беше одржана онлајн преку електрoнската апликација Zoom.

Поради направените законски измени, односно донесување на новиот Закон за Рамномерен Регионален Развој во првиот дел на седницата онлајн се вклучија Г-н Горан Милевски, Министер за Локална Самоуправа и Г-н Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален развој. Во своите излагања тие ги запознаа членовите на Советот со новините и измените во Законот за Рамномерен Регионален Развој како и Програмата за Рамномерен регионален развој за 2021 година.

На оваа седница беа усвоени и Завршните сметки за 2020 година на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Годишниот извештај за работата на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион за 2020 година и Годишниот извештај за спроведување на Програмата за развој на Југоисточниот плански регион за 2020 година.

Одржана дваесет и петтата (XXV) седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион

На 02.02.2021 година се одржа дваесет и петтата (XXV) седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион, која поради пандемијата Ковид-19, беше одржана онлајн, преку ZOOM платформата. На седницата беа вклучени градоначалниците на општините од регионот и Директорката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

На седницата главно се разговараше за начинот на третирање на комарци на териториите на општините во Југоисточниот плански регион за 2021 година. Беше донесена Одлука за взаемна активност на општините за третирање на комарци во 2021 година по земјен пат, врз основа на која ќе се извршат две ларвицидни и три адлутни третирања против комарци, односно три теристички аеросолни дезинсекциии против возрасни комарци со УЛВ метода и две ларвицидни дезинсекции на териториите на десетте општини од регионот.
Оваа Одлука се донесе порано со цел да се запазат роковите и препораките од Центрите за јавно здравје за навремено прскање против комарци и да се следат препорачаните интервали на прскање и третирање за да се зголеми ефикасноста, да се добие најдобар резултат од овој процес и да се заштити здравјето на граѓаните од нашиот регион.

Во исто време се донесе заклучок да се бара од Министерството за транспорт и врски да ја вклучи површината на Моноспитовско блато во локациите кои се приоритетни за прскање против комарци од страна на Министерството како примерот за Дојранското Езеро од нашиот регион. Имено поради недостапноста на теренот нема можност да се изведе теристичка (од земја) аеросолна дезинсекција, а од друга страна оваа блато претставува најголем извор на комарци во овој регион.

На дваесет и петтата седница на Совет на ЈИПР беа донесени и едногласно усвоени и Одлуките за продажба на старото службено моторно возило и за купување на ново службено моторно возило за потребите на Центарот за развој на Југоисточнот плански регион.

На оваа седница беше утврдена и висината на средствата кои секоја од општините од регионот ќе ги одделува на годишно ниво за финансирање и непречено работење на Јавното претпријатие за заловување на бездомни кучиња „Астра – Луна“ – Струмица, за што беше донесена Одлука од страна на Советот.

Усвоени Финансискиот план за работа на ЦРЈИПР и Акциониот план за спроведување на Програмата за рамномерен регионален развој на Југоисточниот плански регион за 2021 година

На 30.12.2020 година поради пандемијата Ковид-19, преку ЗООМ платформата, онлајн се одржа XXIV (дваесет и четвртата) и последна Седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион за 2020 година, на која присуствуваа градоначалниците на општините од регионот и Раководителот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Пред присутните градоначалници, Раководителот на Центарот Г-а Жулиета Ѓуркова ги презентираше Предлог Финансискиот план за работа на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион за 2021 година, како и Предлог Акциониот план за 2021 година за спроведување на Програмата за рамномерен регионален развој на Југоисточниот плански регион кои на седницата едногласно беа усвоени.

На оваа Седница исто така беа донесени и едногласно усвоени и одлуките за примопредавање и преотстапување на користење и одржување на локален пат с.Бориево – с.Колешино на општина Босилово и општина Ново Село; Одлуката за примопредавање и преотстапување на користење и одржување на локален патен правец од Клучка со Р 604 пат Струмица – Дојран со клучка П-611 пат Валандово – Гевгелија на општина Дојран и Одлуките за примопредавање и преотстапување на користење и одржување на пат Богородица – Стојаково, крстосница со регионален пат Гевгелија – Богородица прва фаза на општина Богданци и втора фаза на општина Гевгелија.

На XXIII Седница на Совет на ЈИПР утврдена годишната листа на приоритетни проекти за 2021 година

На 15.12.2020 година со цел да се запазат мерките за заштита од настаната светска пандемија Ковид-19, онлајн преку електронската платформа ЗООМ се одржа XXIII (дваесет и третата) Седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион.

Пред присутните градоначалници oд страна на форумскиот модератор и надворешен консултант-експерт ангажирани преку проектот „Одржлив инклузивен рамномерен регионален развој“ презентирани беа процесот на рангирањето на предлог проектите од регионално и микрорегионално значење за Југоисточниот плански регион од страна на граѓаните од регионот, а воедно беше презентирана и аналитичка студија за економска исплатливост на капиталните инвестиции поединечно на секој предлог проект.

По краткиот осврт на секој од предлог проектите за време на Седницата, Советот ја усвои Годишната листа на приоритетни проекти за 2021 година согласно следниот редослед:

  1. Збогатување на туристичката понуда во Југоисточниот плански регион
  2. Изградба на пристапен пат до регионалниот стационар за бездомни кучиња
  3. Изградба на Локален пат на релација с.Погулево – с.Дамјан

На резервна листа беше утврден предлог проектот – Имплементација на трета фаза од проектот Изградба на локален пат за поврзување на населените места Бориево и Колешино.

Приоритетната листа се однесува за изведба на проекти кои ќе ја збогатат туристичката понуда во регионот, ќе ја подобрат патната инфраструктура и ќе се овозможи поврзување на локални патишта во регионот преку средства од Бирото за рамномерен регионален развој и сопствено учество на општините од Југоисточниот регион.

Согласно утврдената листа, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ќе аплицира до Бирото за регионален развој за нивно финансирање преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2021 година.

Оваа година по прв пат предлог проектите пред да бидат усвоени од Советот за развој на ЈИПР инклузивно и со партиципативно учество беа бодувани и приоретизирани од страна на граѓаните од Југоисточниот плански регион преку Форумски сесии во заедницата како нов начин за избирање проекти за Бирото за регионален разво, коишто форуми поради пандемијата Ковид-19 се одвиваа преку пополнување на прашалник од засегнатите страни од Југоисточниот плански регион.