Започнува третирањето против ларвицидни и возрасни комарци во општините од Југоисточниот плански регион

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во соработка со десетте општини од регионот започнува со активности за третирање против ларвицидна и возрасна форма на комарци по земјен пат. Предвидени се две третирања за ларвициди и три третирања против возрасни комарци на територијата на Југоисточниот регион со вкупна површина од 5.376 ха.

Се известуваат сите граѓани на десетте општини во Југоисточниот плански регион дека првото ларвицидно прскање ќе се изврши во период од 20 до 22 Април 2021 година, со следниот распоред:

  1. На 20.04.2021 година (Вторник), во период од 09 до 16 часот во општините Валандово, Дојран, Гевгелија и Богданци.
  2. На 21.04.2021 година (Среда), во период од 09 до 16 часот во општините Ново Село, Босилово, Василево и Струмица.
  3. На 22.04.2021 година (Четврток), во период од 09 до 16 часот во општините Радовиш и Конче.

Се известуваат сопствениците на пчелни семејства да преземат соодветни мерки за заштита, односно да ги затворат истите во најавениот временски период.

Потпишан Договор за предавање на користење и одржување на Командниот центар набавен во рамките на проектот HELP

Денеска на 30.03.2021 година, во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во Струмица, Раководителот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Г-а Жулиета Ѓуркова и Директорот на Центарот за управување со кризи, Г-н Стојанче Ангелов потпишаа Договор за давање на користење, одржување и сервисирање на Командниот центар набавен во рамките на проектот „Интегриран оперативен центар за хуманитарна помош“ – HELP.
Претходно, претставници од двете институции беа во посета на Регионалниот Центар за управување со кризи, РЦУК Струмица, каде што е поставен самиот Команден Центар со цел да се разгледа поставената опрема, а беше направена и кратка презентација за можностите кои ги има опремата и за тоа како истиот ќе се користи во услови на елементарни непогоди во државата и во прекуграничниот регион со Грција.
Центарот за развој на ЈИПР во изминатиот период интензивно работеше кон остварување на главната цел на проектот односно обезбедување на современа инфраструктура и опрема за управување со кризи, а резултатите се видливи со самото поставување на целосно опремен Команден Центар кој неодамна се постави токму во Југоисточниот плански регион, во Струмица.
„Овој Команден Центар ќе служи не само за Југоисточниот регион, туку секаде каде што има потреба во државата ќе биде транспортиран од причини што ваквиот софистициран контејнер е прв од таков вид направен во нашата држава и се надевам дека ова ќе биде успешен пример на прекугранична соработка со Грција со надеж во иднина ваков проект да спроведеме и со Р. Бугарија со цел побрза интервенција и заштита на граѓаните во целиот прекуграничен регион“, истакна Г-а Ѓуркова во своето обраќање.
Согласно предвидените активности до крајот на имплементацијата на проектот заедно со проектните партнери ќе се спроведат две Пилот-акции, една во нашиот регион и една во Грција за време на кои ќе се креира виртуелно сценарио за одредена непогода во прекуграничниот регион, ќе се претстави начинот на брзо реагирање и комуницирање со прекуграничната област овозможено преку Командниот центар. Исто така планирано е и организирање на еден Инфо ден за презентирање на постигнатите резултати во рамки на проектот.
Проектот е кофинансиран од Европска Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Р. Северна Македонија и Грција и националните фондови на земјите учеснички.

Проектот „Академија за реинтеграција на маргинализирани лица“ е пример како еден регион да се развива одржливо во областа на социјалната инклузија

Креирање на еднакви можности за социјално загрозените лица при вработување, подобрување на услугите кои се нудат во регионот преку Програма за реинтеграција во општеството, можности за дообразување, стручно усовршување и други форми на учење низ работење со современи машини за производство на храна. Тоа се дел од резултатите кои се постигнаа преку проектот кој го имплементираше Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во партнерство со Здружение за советување, лекување, реинтеграција и ресоцијализација на лица зависни од психоактивни супстанци – „ИЗБОР“.

Идејата беше Програмата за реинтеграција на социјално загрозени лица која се нуди во регионот да се збогати со современи ресурси кои ќе помогнат во создавање на услови за одржлив развој преку непречено испорачување на услугите и производите кон крајните корисници: ранливите групи на граѓани кои имаат потреба од обуки и вработување, компаниите кои имаат потреба од оспособени работници и купувачите кои имаат потреба од квалитетни и безбедни органски земјоделски и пекарски производи.

Токму тоа се овозможи преку самата имплементација на проектот, се унапредија постоечките услуги во Југоисточниот регион за подобро вклучување на маргинализираните лица на пазарот на трудот преку набавка на опрема наменета за органско производство на овошје и зеленчук, пекарство, пакување и етикетирање на прашкасти и зрнести производи, градинарство и цвеќарство. Со помош на набавената опрема и Програмите кои ги нуди Здружението „ИЗБОР“, социјално загрозените лица имаат можност да се стекнат со вештини кои ќе придонесат да бидат самостојни, корисни во општеството и квалификувани на пазарот на трудот.

За време на периодот на имплементација исто така се овозможи вработување на три лица кои стекнуваат работни вештини во рамки на Програмата за реинтеграција, а во наредниот период се очекуваат дополнителни вработувања на лица кои се веќе во фаза на рехабилитиација во Здружението „ИЗБОР“.

Ваквиот пристап на делување во потполност одговара на приоритетите и стратегиите на ЕУ во борбата против социјалната исклученост преку обезбедување на квалитетни работни места, подобар и поквалитетен живот за ранливите групи и на лицата кои заради својот стил на живот се подолго време на листата на невработени.

„Академија за реинтеграција на маргинализирани лица“ се имплементираше девет месеци во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ финансиран од Министерство за локална самоуправа и Швајцарска Агенција за развој и соработка.

Комплетно нова опрема за пожарникарите од регионот за справување со шумски пожари

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион започна со имплементација на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари” во рамки на Програмата за прекугранична соработка Р. Бугарија – Р. Северна Македонија 2014 – 2020. Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ќе го спроведува проектот во партнерство со Асоцијацијата на Југозападни општини од Балгоевград, Република Бугарија, кој е Лидер партнер во имплементација на проектот.

Во рамките на овој проект ќе биде набавена комплетна лична заштитна опрема за шумски пожари за сите пожарникари од Југоисточниот плански регион, со која во моментов не располага ниту една од противпожарните единици од регионот. Ќе се набави професионална опрема за шумски пожари која вклучува комбинезони, ќебиња, чизми, ракавици, шлемови направени специјално за шумски пожари, заштитни маски против чад и балаклави огноотпорни маски. За секоја од противпожарните единици во регионот ќе се набават пумпи, противпожарни црева и моторни пили. Со оваа опрема значајно ќе се унапреди безбедноста и функционалноста на пожарникарите од регионот и нивен навремен и соодветен одговор против шумските пожари кои предизвикуваат огромни штети, ја уништуваат нашата шума, природата, а не ретко како што е познато од минатото има и човечки жртви.

Покрај набавката на опрема ќе се креира и прекугранична мрежа за спречување и одговор на опасности од природата и животната средина во која ќе учествуваат претставници на општинските територијални противпожарни единици и волонтерските заедници од двете земји чија цел е да се создаде добра координација и структура за превенција и соодветен одговор на катастрофите со посебен акцент на шумските пожари. За дел од членовите на мрежата е предвидено спроведување на низа обуки (вкупно 6) од страна на меѓународни сертифицирани обучувачи. Ќе се спроведе и информативна и медиумска кампања за промовирање на волонтерство и спречување на шумските пожари.

Проектот е со вкупна вредност од 395.361 евра, од кои буџетот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион е 197.602 евра, а истиот ќе се имплементира 24 месеци.

 

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион потпиша Меморандум за соработка за изработка на новиот Просторен план на РСМ

Министерот за животна средина и просторно плaнирање, Г-н.Насер Нуредини, директорот на Агенцијата за планирање на просторот, Г-а.Андријана Андреева и раководителот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Г-а.Жулиета Ѓуркова на 15.03.2021 во Свечената сала во Владата на РСМ потпишаа Меморандум за соработка, со кој сите страни ја изразија подготвеноста за соработка во процесот на изработка на  Просторен план на Република Северна Македонија.

Просторниот план на РСМ претставува национална стратегија за просторен развој и дава насоки за организација, користење, заштита, уредување и управување со просторот на Државата. Потребата за изработка на нов просторен план произлегува од истекувањето на постојниот плански документ, но и заради промената во условите и современите потреби на нашето општество.

– Новиот Просторен план на Државата ќе биде современ и визионерски и ќе овозможи долгорочен и одржлив социо-економски развој,  превенција и контрола на неговото штетно влијание врз животната средина и ќе воспостави баланс помеѓу расположивиот простор, економскиот и демографскиот развој, природните и културните ресурси. Исто така, со новата методологија се предвидуваат и механизми за справување со климатските промени како и усогласување на секторските политики и наоѓање на најсоодветни решенија – истакна во таа прилика министерот Нуредини.

Важна улога во планирањето на просторот ќе имаат и планските региони и нивното учество во овој процес што произлегува не само од фактот што секој плански регион ќе изработи посебен просторен план како разработка на националниот, туку и поради улогата во напорите за постигнување на рамномерен регионален развој во државата.

Нарачател на Планот е Министерството за животна средина и просторно плaнирање, кое ја координира целата постапка за изработка и ги спроведува процедурите на донесување на Планот согласно Законската регулатива и Методологијата за изработка на Просторниот план, додека изработувач на Просторниот план е Агенцијата за планирање на просторот.

Апликација за менторска поддршка за фирми и ПЗУ кои ќе аплицираат преку новиот повик на ФИТР

Бизнис Центарот при Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во рамките на Ваучерската шема за давање стручна помош овозможува БЕСПЛАТНА МЕНТОРСКА ПОДДРШКА за сите фирми и Приватни здравствени установи (ПЗУ) кои се заинтересирани да аплицираат преку новиот повик објавен од страна на ФИТР за Кoфинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст достапен на следниов линк: https://fitr.mk/zabrzan-ekonomski-rast/.

Преку пополнување на апликацијата фирмите и Приватните здравствени установи од Југоисточниот регион се стекнуваат со право за добивање на менторска поддршка, а поради ограничен износ на средства, редоследот на корисниците на менторската поддршка ќе се определува по принципот прв пријавен, прв услужен.

Линк за аплицирање за добивање менторска поддршка: https://forms.gle/Bz5mrWXzARJK1Biy9

За дополнителни информации обратете се во Бизнис центарот при Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, на ул. Маршал Тито бр. 1-1, Струмица или побарајте не на 034/340-139.

 

Продолжен рокот за поднесување на документи за конкурсот за ангажирање на проектен координатор

Се продолжува рокот за поднесување на документи за конкурсот за ангажирање на еден проектен координатор за потребите на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија 2014-2020.

Заинтересираните кандидати за горенаведената работна позиција својот интерес можат да го најават со доставување на кратка биографија (CV), мотивационо писмо на англиски јазик, копија од Диплома за завршено образование, како и дополнителни документи за докажување на  критериумите од конкурсот, со назнака „По конкурс за проект Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“, најдоцна до 05.03.2021 година (петок), до 16.00 часот, во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Бул. „Маршал Тито бр. 1-1, 2400 Струмица.      

Целосниот текст на конкурсот како и прилозите може да се превземат од следниве линкови:

1. Конкурс по проект „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“
2. Прилог 1 – Работни задачи на проектен координатор
3. Прилог 2 – Europass CV
4. Прилог 3 – Прирачник за имплементација на проекти

Мостот што ги поврзува селата Просениково и Сарај е во завршна фаза на изградба

Со започнување на активностите околу асфалтирањето на мостот и пристапните патишта, изградбата на мостот помеѓу населените места Просениково и Сарај е во завршна фаза и се очекува комплетно градежните работи да завршат за околу една недела, кога и официјално истиот ќе се пушти во употреба. Должината на мостот изнесува околу 25 метри, а заедно со пристапните патишта вкупната должина изнесува околу 215 метри.

Овој мост е од големо значење првенствено за жителите од двете села со што ќе се олесни нивната секојдневна комуникација, за земјоделските производители кои секојдневно го поминуваат мостот за да стигнат до своите земјоделски површини, но и за транспорт на своите производи до пазарите на големо, како и за сите граѓани од општините Струмица, Босилово и Василево.

Осовременување на патниот правец Просениково – Сарај преку изградба на мост на река Турија води кон подобрување на патната инфраструктура во општините Струмица и Босилово и подобрување на условите за живот на граѓаните во овој дел од регион со што се овозможува поголем економски развој на општините, а воедно и на целиот Југоисточен регион.

Изградбата на мостот е дел од проектот „Изградба на мост на река Турија на локален пат с. Просениково – с. Сарај“ кој Центарот за развој на Југоисточниот плански регион го имплементира во партнерство со општина Струмица, а финансиските средства за негова имплементација се обезбедени од Бирото за регионален развој – Министерство за локална самоуправа и општина Струмица.

Повеќе информации за проектот: https://southeast.mk/portfolio/.

Kонкурс за ангажирање на еден проектен координатор

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион објавува конкурс за ангажирање на еден проектен координатор за потребите на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија 2014-2020.

Заинтересираните кандидати за горенаведената работна позиција својот интерес можат да го најават со доставување на кратка биографија (CV), мотивационо писмо на англиски јазик, копија од Диплома за завршено образование, како и дополнителни документи за докажување на  критериумите од конкурсот, со назнака „По конкурс за проект Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“, најдоцна до 26.02.2021 година (петок), до 16.00 часот, во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Бул. „Маршал Тито бр. 1-1, 2400 Струмица.      

Целосниот текст на конкурсот како и прилозите може да се превземат од следниве линкови:

1. Конкурс по проект „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“
2. Прилог 1 – Работни задачи на проектен координатор
3. Прилог 2 – Europass CV
4. Прилог 3 – Прирачник за имплементација на проекти

Бизнис Центарот во поддршка на МСП од регионот за користење на средства од Фондот за иновации и технолошки развој

Бизнис Центарот кој е формиран во рамки на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и функционира како регионална канцеларија која нуди поддршка на приватниот сектор,  во иднина ќе ја интензивира соработка со Фондот за иновации и технолошки развој  (ФИТР), со тоа што ќе ги информира потенцијалните корисници за сите јавни повици на Фондот и ќе обезбедува техничка поддршка на потенцијалните апликанти од Југоисточниот плански регион.

Ваквата меѓусебна соработка на Бизнис Центарот со ФИТР е со цел заеднички да им се помогне на малите и на средните претпријатија од Југоисточниот плански регион полесно да пристапат до буџетските средства кои што се наменети за нивна поддршка и развој. Како резулатат и продолжување на долгогодишната меѓусебна соработка во следниот период Центарот за развој на ЈИПР и ФИТР ќе организираат  информативни денови како и дополнителна поддршка на сите заинтересирани мали и средни претпријатија од регионот.

Предвидена е ваучерска програма на Бизнис Центарот за градење на капацитетите на претпријатијата и истата се спроведува преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската Агенција за развој и соработка во Р.Северна Македонија, со цел на овој начин да се поддржи развојот и економскиот раст во регионот, да се поттикне зголемувањето на бројот  на нови работни места и да се овозможи подобар стандард за живеење во ЈИПР.

Ги повикуваме сите заинтересирани компании редовно да се информираат и да ги следат информациите кои се објавуваат на социјалните мрежи од страна на Центарот за развој на ЈИПР како и Бизнис Центарот при Центар за развој на ЈИПР: