Амбасадорката на Швајцарија Н.Е. Вероник Улман Марти во посета на Југоисточниот плански регион

Кога локалните власти, граѓанското општество и приватниот сектор работат заедно, се прават вистински промени на локално и регионално ниво. Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија заедно со Швајцарската Агенција за развој и соработка изминативе неколку години се посветени на поддршка на одржливиот регионален развој во Република Северна Македонија.

Оваа недела Амбасадорката Н.Е. Вероник Улман Марти го посети Југоисточниот плански регион каде оствари средба со клучните партнери од регионот и се запозна со конкретните резултати од проектите финансирани преку Швајцарската Агенција за развој и соработка на локално и регионално ниво.

На средбата во општина Струмица присуствуваа директорката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион Жулиета Ѓуркова, градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов, претседателот на Советот Марјан Даскаловски и секретарот на општината Александар Оџаков каде се разговараше за досегашната соработка и плановите за нејзино унапредување.

Во Југоисточниот плански регион, досега се реализирани повеќе проекти финансирани од швајцарските фондови кои имаат директно влијание врз подобрувањето на квалитетот на живеење, регионалната соработка и кои промовираат иновативен пристап во обезбедувањето на услугите до сите засегнати страни. Еден од тие проекти е проектот за управување со сливот на река Струмица, со кој се спроведуваа активности за зголемување на конкурентноста на земјоделското производство во регионот и намалување на неговото влијание врз животната средина, преку воведувањето на современи, агроеколошки мерки.

Исто така со директно учество на граѓаните од Југоисточниот регион на партиципативен начин преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка, опремени се четири Дневни Центри за лица со посебни потреби со реквизити и опрема за работна окупација, поставени се 23 агрометеролошки станици, воспоставена е Академија за реинтеграција на маргинализирани лица и Заеднички работен простор како средство за зајакнување на соработката со бизнис секторот.

Соработката не застанува тука и во тек се Регионални формуски сесии на заедницата каде како приоритети за решавање оваа година се истакнаа проблемите од делот на заштитата на животната средина и подобрување на туристичката понуда во Југоисточниот регион со што се потврдува заедничката понатамошна заложба за реализација на нови проекти во интерес на граѓаните.

Деловен екосистем како интегриран систем – Би Ин

Идејата за овој проект потекнува од влијанието што го имаат акцелераторските програми и активности врз работната сила и деловните субјекти.

Од една страна деловните субјекти кои вработуваат експерти и инвестираат во активности за образование и обука би можеле побрзо да се прилагодат на предизвиците на социјалната, економската, технолошката и политичката средина.

Изградба на локален пат од село Погулево до село Дамјан во должина од 1927,81 метри

Добрата патна инфраструктура е основа за поврзување, комуникација и развој на економијата помеѓу населени места и помеѓу општините во регионот. Затоа општините од Југоистокот постојано се стремат кон осовременување на патната инфраструктура која е значаен фактор за рамномерниот развој.

 

Започна изградбата на пристапниот пат до прифатилиштето за бездомни животни

На 30.03.2022 година започнаа градежните активности за изградба на пристапниот пат до прифатилиштето за бездомни животни во Општина Струмица, проект кој Центарот за развој на Југоисточниот плански регион го имплементира во партнерство со Општина Струмица, а е финансиран од Бирото за регионален развој и Општина Струмица.

Директорката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Г-а Жулиета Ѓуркова информираше дека средствата во висина од над 4 милиони денари за овој проект се обезбедени од Програмата за рамномерен регионален развој по која Центарот во моментот спроведува уште неколку проекти кои имаат големо значење за економскиот развој на Југоисточниот регион.

– Важно е да истакнеме дека преку оваа Програма се изгради самиот стационар и се набавени 2 возила за заловување на кучиња, а со поддршка на УНДП беше набавена целокупната опрема во стационарот. Со реализацијата на овој проект ќе се овозможи прифатилиштето за бездомни животни да почне непречено да функционира, а се работи и на обезбедување на дополнителни средства за зголемување на капацитетите на стационарот со што ќе се обезбеди почиста и поздрава животна околина за Општина Струмица и за другите општини во регионот – рече Г-а Ѓуркова.

Претседателот на Советот на општина Струмица, Г-н Марјан Даскаловски, истакна дека со овој проект се планира да се изгради модерна инфраструктура за лесен и брз пристап до прифатилиштето за бездомни животни со уредување на влезниот дел од прифатилиштето со паркинг простор, партерно и хортикултурно уредување, со затревување на просторот, поставување на клупи за седење, канти за отпадоци и засадување на дрвја.

Овој проект има регионално значење бидејќи иако со прифатилиштето ќе раководи и ќе го финансира општина Струмица истото во иднина, во согласност со законските прописи, ќе биде во функција и на соседните општини за минимален надомест по заловено куче.

     

ОДРЖАНА VI (ШЕСТАТА) СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ ЗА РАЗВОЈ НА ЈУГОИСТОЧНИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН

Советот за развој на Југоисточниот плански регион на 23.03.2022 година во Струмица ја одржа VI (шестата) Седница.

На Седницата беше усвоена Одлуката за вземна активност на општините за третирање против комарци (ларвицидна и адултна форма) на териториите на општините во Југоисточниот плански регион по земјен и воздушен пат за 2022 година, а пред присутните беа презентирани информации за подготовка на проектни концепти во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – II фаза“ по двете Програми:

  • Програма за Грантова шема за инвестициски проекти со дигитална компонента финансирана од Швајцарска Агенција за развој и соработка и Министерство за локална самоуправа;
  • Програма за рамномерен регионален развој за 2022 година со индикативно планирани средства за 2023 година, финансирани од МЛС – БРР.

Од страна на Советот едногласно беше усвоен и Годишниот извештај за реализација на Програмата за развој на Југоисточниот плански регион за 2021 година.

 

СОСТАНОК НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА СО ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ НА ЈУГОИСТОЧНИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН

На 23.03.2022 година во организација на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион беше одржан состанок на Министерството за животна средина и градоначалниците од овој регион како дел од активностите за изработка на Просторен план на Република Северна Македонија.

На оваа средба беа присутни заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска, градоначалниците и преставници на 10 општини од Југоисточниот плански регион.

Целта на средбата беше запознавање со процесот на изработка на Просторен план во Република Северна Македонија и присутните да земат активно учество и придонес во носењето на одлуките.Continue reading

Одржан првиот работен состанок на проектните партнери за имплементација на проектот „Бе Ин“

Во рамките на проектот „Деловен екосистем како интегриран систем – Бе Ин“, финансиран од Европска Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Р. Северна Македонија,на ден 22.03.2022 година, во Солун, Грција, се одржа првиот работен состанок на партнерите по проектот:

  • Регион Централна Македонија, Грција,
  • Универзитетот „Гоце Делчев“, Штип, Република Северна Македонија
  • Истражувачки институт на Универзитетот Македонија, Грција,
  • Центар за развој на Југоисточниот плански регион, Република Северна Македонија.

На работниот состанок проектните партнери ги утврдија своите улоги, работни обврски и крајните цели од овој проект. Детално беа образложени активностите кои се предвидени, начинот на нивно имплементирање, одговорни партнери по активности, како и временската рамка потребна за да се реализираат истите.

Овој проект ќе овозможи креација на кохерентен, интегриран и иновативен бизнис еко-систем, поттикнување на бизнис идеи, како и унапредување, усовршување на индивидуи, мали и средни претпријатија и зголемување на нивниот капацитетсо цел да се намали јазот помеѓу понудата и побарувачката на пазарот во прекуграничниот регион.

Ваквата цел ќе се постигне преку претходно направени анализи, испитувања и анкети во прекуграничниот регион помеѓу Република С. Македонија и Грција, активности за спроведување на лични интервјуа со менаџери за човечки ресурси, експерти во областа на претприемништвото и иновациите, изготување на дигитални алатки, е-библиотека, дигитални и заеднички работилници, иновациски кампови, студиски патувања, форуми и самит на млади лидери и претприемачи, каде таргет групи се невработени лица со завршено високо образование, мали и средни претпријатија.

Вкупниот буџет на проектот изнесува 910.144,71 евро, а за реализација на активностите по овој проект за Центарот за развој на Југоисточниот плански регион е предвиден буџет во износ од 152.482,50 евра.

Целосната реализација на овој проект е предвидена да трае 18 месеци до 17.07.2023 година.

 

 

 

 

Прва форумска сесија во Југоисточниот плански регион

Одржувањето на првата форумска сесија на 10 март 2022 година го најави започнувањето на процесот на Регионални форуми во заедницата во Југоисточниот плански регион, финансиски поддржани од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка преку проектот “Одржлив и инклузивен рамнoмерен региoнален развoј – 2 фаза“.

Првата форумска сесија беше поделена во два дела, бидејќи се предлагаа проектни идеи и решенија по две Програми и тоа:

  • Програма за проекти преку Грантова шема на МЛС/СДЦ и
  • Програма за рамномерен регионален развој за 2022 година со индикативно планирани средства за 2023 година на МЛС/БРР

Во првиот дел по Програмата за Грантовата шема предвидено е да се доделат средства за еден проект од минимум 320 илјади евра. За таа цел присутните на форумот кои беа од различни категории на граѓани од Југоисточниот плански регион (од Единиците на локалната самоуправа, Советите на општините, невладини организации, бизнис секторот и други заинтересирани граѓани) имаа можност да идентификуваат и дефинираат приоритетни регионални проблеми за секоја од претходно утврдените приоритетни области.

Во вториот дел од денот учесниците предлагаа проектни идеи по Програмата за рамномерен регионален развој за 2022 година со индикативно планирани средства за 2023, каде на располагање се околу 750 илјади евра за имплементација на проекти од регионално значење.

Над 70 учесници на форумот активно учествуваа во утврдувањето на проблемите кои го засегаат Југоисточниот регион, дискутираа, а воедно предлагаа и решенија како да се надминат проблемите со цел да се подобрат условите за живот на сите граѓани во регионот, што секако е од особено значење за успешна реализација на регионалниот форумски процес.

Во периодот кој што следува врз основа на идентификуваните предизвици од првата форумска сесија ќе се развијат концептни решенија и по двете Програми кои понатаму ќе се презентираат пред Советот за развој на Југоисточниот плански регион како и пред присутните учесници на втората форумска сесија, која е планирана да се одржи кон крајот на месец април 2022 година.

РАБОТИЛНИЦА ЗА ПАМЕТНА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈА ВО ЈУГОИСТОЧНИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во рамки на проектот Одржлив Инклузивен Рамномерен Регонален Развој – II фаза на спроведување на 07.03.2022 во во Хотел „Сириус“ Струмица година организираше работилница на тема Паметна Специјализација.

Работилницата имаше за цел да ги обедини: локалните власти, академската заедница,  бизнис секторот и граѓанското општество и да ги прошири нивните знаења во делот на Паметната специјализација, како пристап за зголемување на конкурентноста, да ги запознае со процесот на изработка на Стратегија за паметна специјализација на национално ниво и како и на кој начин истата да ја реплицираат на регионално ниво.

Оваа работилница претставува почетна точка од која еден регион ќе има можност да ги искористи потенцијалите на Националната Стратегија за Паметна Специјализација и да креира пилот Регионална Стратегија за Паметна Специјализација  насочена кон Кохезионите фондови на Европската Унија во иднина.

Стратегијата за Паметна Специјализација е од големо значење за мапирање на конкурентните предности на секој регион одделно и на тој начин ќе се фокусира на јавните и приватните инвестиции во економските области и гранки кои создаваат најголема продуктивност и додадена вредност при планирање и развој на секој плански регион.

Оваа активност е финансиски поддржана од Швајцарската Агенција за развој и соработка и Министерство за локална самоуправа.

Изградба на пристапен пат до регионалниот стационар за бездомни кучиња

Преку овој проект се планира да се изгради модерна инфраструктура за лесен и брз пристап до прифатилиштето за бездомни животни во општина Струмица. Со проектот се  предвидува изградба на пристапен пат во должина од 561 метри до прифатилиштето, а покрај патот со овој проект ќе се овозможи влезниот дел од прифатилиштето да се уреди со паркинг простор, да се уреди партерно и хортикултурно, со затревување на просторот, поставување на клупи за седење, канти за отпадоци и засадување на дрвја.