Одржан четвртиот состанок на тимот на проектот за „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“

Во рамки на проектот “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Р. С. Македонија на ден 13.01.2023 година, во хотел „Сириус“ Струмица – Република С. Македонија, се одржа четвртиот состанок на проектниот тим.

На состанокот на тимот се дискутираше за имплементираните активности во рамки на проектот, успешно спроведените специјализирани обуки и доделени сертификати на учесниците, како и план и програма за реализација на претстојната завршна конференција во спроведувањето на последната активност од проектот.

Тимот разговараше за финални детали и содржина на Меморандумот за создавање на прекугранична мрежа за превенција и одговор на природни и еколошки опасности, чиешто потпишување ќе биде реализирано на завршната конференција на проектот помеѓу двете страни – Центарот за развој на ЈИПР – Струмица и Асоцијацијата на југозападни општини – Благоевград.

Проектот е ко-финансиран од Европска Унија и Националните Фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија – Република Северна Македонија 2014-2020.

 

ЦРЈИПР СПРОВЕДЕ АКЦИЈА – „ПОДАРИ НАСМЕВКА“

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион со поддршка на општествено одговорните компании од регионот ја спроведе акцијата под слоганот „ПОДАРИ НАСМЕВКА“ во детските градинки од руралните средини и во дневните центри за лица со попреченост во Југоисточниот плански регион.

Continue reading

ОДРЖАНА ГОДИШНА РАБОТИЛНИЦА

Дел од вработените во Центарот за развој на ЈИПР присуствуваа на годишната планирачка и евалуирачка работилница во Охрид во рамки на проектот ,,Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој” II фаза.
На работилницата беа презентирани реализираните активности за 2022 година на сите осум Центри за развој на планските региони и Бизнис центрите, а воедно сите имаа можност да ги претстават своите вредности, производи и музика карактеристични за својот регион.
Она кое ќе го понесеме со себе од оваа тридневна работилница се размената на искуства, практики, планирани активности и научени лекции за уште подобра и поуспешна 2023 година.

ИЗГЛАСАНИ ПРИОРИТЕТНИТЕ ПРОЕКТИ ЗА 2023

На 20.12.2022 година се одржа втората форумска сесија од регионалниот форум во заедницата на која учесниците гласаа за рангирање на предлог концептите кои произлегоа од првата форумска сесија.

Continue reading

Младите претприемачи со нови знаења се вратија од Студиското патување во Грција

Во организација на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, а со цел запознавање со можностите за студирање, отворање на бизниси, вмрежување и остварување на соработка во прекуграничниот регион, беше организирано Студиско патување во периодот од 14 до 16 Декември 2022 година на кое учествуваа 19 млади луѓе, сегашни и идни претприемачи од Југоисточниот регион.

Во рамките на тридневното Студиско патување учесниците имаа можност да ги посетат Иновативната зона Александрија, Институтот за истражување при Универзитетот Македонија, самостојната дирекција за иновации и поддршка на претприемништвото на Регионот Централна Македонија, Центарот за истражување и технологија – CERTH, Американското фармерско училиште, Центарот за организирање изложби, конгреси и културни настани во Грција – HELEXPO, Старт ап хабот Октес и Меѓународниот грчки универзитет (International Hellenic University).

Првиот ден од Студиското патување беше планиран за посета на Александрија иновативната зона, каде Г-нот Костас Трамацас, преку презентација и дискусија со учесниците ги запозна со работата и целите на Иновативната зона, но исто така преку обострана дискусија на учесниците ги советуваше како подобро да ги изработат и презентираат своите бизнис идеи и планови пред потенцијални инвеститори, како да изградат свој бизнис и како истиот навремено и според потребите на пазарот да го унапредуваат.

Во продолжение на денот учесниците го посетија и Универзитетот Македонија кој важи за еден од поуспешните Универзитети во Грција, при што Г-нот Џорџ Сиакас со голем ентузијазам и желба им го претстави Универзитетот како и Институтот за истражување кој што функционира во негови рамки. Учесниците имаа можност да ги посетат просториите на Универзитетот и да се запознаат со едукативните програми кој истиот ги нуди.

Вториот ден од Студиското патување започна со посета на просториите на Регионот на Централна Македонија каде Г-нот Костас Михаилидис преку презентација и дискусија со младите претприемачи, ги запозна со историјата, работата и можностите што ги нуди оваа институција, нејзините цели и обврски во регионот Централна Македонија во Грција.

При посетата на Центарот за истражување и технологија – CERTH, учесниците беа пречекани од страна на Др. Никос Кациадакис и преку посета на просториите, презентација и разговор со учесниците, се запознаа со работата на овој институт како и со досегашните постигнувања и истражувања во доменот на екологијата, иновациите и технолошкиот развој, соработката со различни институции и други истражувачки центри во државата, но и надвор од нејзините граници. Од Центарот исто така изразија голема желба за  имплементација на заеднички проекти со Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Групата учесници го посетија и Американското фармерско училиште која е непрофитабилна едукативна институција, основана во 1904 година, отворена со цел едукација на ученици од Грција, но и од земјите од Балканот. Оваа школа нуди можност за престој и едукација на деца од предшколска возраст до едукација на студенти, од областа на земјоделството, прехранбената индустрија, зачувување на природните ресурси, како и во производството на домашни производи како млеко, јајца и слично со помош на модерна и еколошка технологија. Покрај едукацијата оваа школа врши продажба на своите производи во кампусот, но и надвор од него и тоа им помага на учениците и студентите да се стекнат со искуство и знаење во промоција и продажба на своите производи.

На крајот од денот, Г-а Вики Далкрани при посета на HELEXPO – Центарот за организирање изложби, конгреси и културни настани во Грција сподели информација за саемите и настаните кои што се одржуваат во текот на годината, а кои се од интерес на посетителите.

Последниот ден од Студиското патување беше резервиран за посета на водечкиот стартап хаб  во Солун – OKTHESS, чија цел е развој на локалниот иновациски екосистем и помагање на претприемачи да ги донесат своите иновативни идеи на пазарот. Оваа цел претприемачите имаат можност да ја достигнат преку програма за забрзување која вклучува обука, тренинг, дружење со ментори и пристап до капитал.  Овој стартап хаб и неговите можности на учесниците им го претстави Г-нот Антонио Силиас.

Студиското патување го заокруживме со посета на Меѓународниот грчки универзитет, кој нуди програми кои се изучуваат исклучиво на англиски јазик. Како државен универзитет, сите доделени дипломи се акредитирани од Владата и се признати во Европската Унија и на меѓународно ниво. UCIPS има за цел да се развие како една од најистакнатите истражувачки институции во Европа, привлекувајќи веќе силен меѓународен академски кадар и извонредни студенти од различни земји во светот. Со создавање, комуникација и примена на знаење, универзитетот има за цел да го инспирира секој член на својата заедница и да ги едуцира идните лидери. Работата, успесите и факултетите за општествени и природни науки на овој универзитет на учесниците им ги претстави Проф. Ели Влахополоу.

По завршувањето на оваа студиско патување, учесниците истакнаа дека се презадоволни од локациите кои што ги посетија, но и од споделените искуства и знаења од страна на домаќините на овие институти, универзитети и другите институции. Покрај тоа што ова патување имаше едукативен карактер, им овозможи на учесниците да комуницираат меѓу себе, да се дружат, но и да ги прошират своите видици со цел создавање на подобра и поуспешна иднина.

Оваа активност беше овозможена преку проектот „Деловен екосистем како интегриран систем – БЕ ИН” финансиран преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка со Грција.

ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСЕН РЕГИОН

Директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион го потпиша Договорот за реализација на инвестицискиот проект со дигитална компонента од Грантовата шема на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој”- 2 фаза, финансиски поддржан од страна на Министерството за локална самоуправа и Швајцарската Амбасада во вкупна вредност од 22.899.786,00 денари.

Continue reading

НОВИ 55 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА ПРОЕКТИ ВО ЈУГОИСТОЧНИОТ РЕГИОН!!!

Директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Ѓоко Камчев, потпиша Договори за реализација на два нови проекти со Бирото за регионален развој преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2022 со индикативно планирани средства за 2023 година.

Во текот на изминатиот период ЦРЈИПР ги потпиша и Договорите за партнерство со општините кои се дел од овие проекти. Вкупниот износ на средства обезбедени од Бирото за регионален развој изнесува 45.193.538,00 денари, а општините партнери ќе учествуваат со сопствено учество од вкупно 10.215.350,00 денари, во проектите:

  1. „Туризмот – иднината на регионот“ за кој се предвидени вкупно 35.153.979,00 денари, во кој како партнери се јавуваат вкупно шест општини во кои ќе бидат преземени активности кои ќе придонесат за збогатување на туристичката понуда во регионот  и
  2. „Културното богатство – наследство за идните генерации“ за кој се предвидени вкупно 20.254.909,00 денари, во кој како партнери се јавуваат три општини во кои ќе бидат преземени активности за реконструкција на постоечките културни домови во овие општини.

Continue reading

Проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ создаде силни врски и пријателства меѓу учесниците на обуките

Заврши шестата финална активност во рамките на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“. Во последните два месеци Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во партнерство со Асоцијацијата на Југозападни општини ги спроведе шесте специјализирани обуки наменети за професионалните пожарникари и доброволци од пограничните региони на Р.С. Македонија и Р. Бугарија. Целта на обуките беше збогатување и проширување на знаењата, нови искуства, практични вежби и користење на соодветна опрема  во справувањето со шумски пожари, но и други природни и човечки предизвикани катастрофи.

            

Проектот создаде мрежа на нераскинливи пријателства и врски, како професионални така и приватни. Обуките поминаа во едукација, вежби и натпревар. Натпреварот помина во пријателски дух и беше одлична можност сите да се претстават во најдобро светло и да ги покажат своите вештини пред своите колеги.

                

Иако повеќето се со долгогодишно работно искуство, сепак сите учесници научија многу нешта и разменија искуства со своите колеги на терен.

Проектот ги сплоти сите доброволни и професионални пожарникари и остави отворени можности за нови проекти, нови идеи и идна соработка.

Вистинските херои се меѓу нас!

Обуките се дел од имплементацијата на проектот за “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Р. Бугарија и Р. Северна Македонија 2014-2020, проект кој Центарот за развој на Југоисточниот плански регион го спроведува во партнерство со Асоцијацијата на Југозападни општини, Благовеград, Република Бугарија.

МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА ЗА НОВИ ИНИЦИЈАТИВИ

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион преку Бизнис Центарот потпиша Меморандум за соработка со Економски факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип.

Двете страни се согласија да соработуваат во широк спектар на активности и иницијативи од взаемен интерес како што е споделување на релевантни информации од заеднички интерес, учество на обуки, конференции, тркалезни маси и други активности поврзани со јакнење на капацитетот и квалитетот на услугите на двете страни, како и споделување на информации поврзани со можностите на студентите и младите од ЈИПР и размена на постојните и нови искуства.

Состанок во Струмица во рамки на проектот „Бизнис еко систем како интегриран систем – БИ ИН“

На 29 и 30 ноември 2022 година во Струмица беше одржан вториот состанок на претставници на проектните тимови од Регионот Централна Македонија – Грција, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Истражувачкиот Институт на Универзитетот Македонија, Грција за имплементација на проектот „Бизнис еко систем како интегриран систем – БИ ИН“, проект кој Центарот за развој на Југоисточниот плански регион го имплементира од месец јануари оваа година во рамки на Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка со Грција.

Целта на состанокот беше да се презенираат првичните сработени активности и резултати, активности кои треба да се завршат заклучно тековната година како и планирање и координација за спроведување на идни заеднички активности.

Се разговараше во врска со реализација на следните активности:

  • Спроведување на прашалници и анкети со цел подготовка на Анализа за утврдување на моменталната состојба за квалификациите на работната сила и побарувачката на пазарот на трудот
  • Организирање на студиско патување во Солун
  • Давање на поддршка на МСП
  • Развивање на алатки за промоција и транспарентност (социјални мрежи, е-библиотека..)
  • Подготовка на финансиски извештаи

По извршената презентација од страна на сите проектни тимови следуваше дискусија за активностите кои треба да се завршат до тековната 2022 година како и за активностите кои се планирани да се реализираат следната година.

Заклучокот од состанокот беше дека дел од активностите се завршени и во следниот период треба да се посвети внимание за создавање и менаџирање со алатките за промоција со цел прикачување на материјали од реализираните активности и овозможување на соодветна поддршка за студенти, невработени лица, академскиот и бизнис секторот.

За време на вториот ден, претставниците на проектните тимови ги посетија канцелариите на Центарот за развој каде се присуствуваат на последниот ОТВОРЕН ДЕН за презентација на 3Д опрема која е набавена во рамките на проектот.