ЦРЈИПР ОДРЖА РАБОТИЛНИЦА ЗА КЛАСТЕРИ

На 21.06.2022 година во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во рамки на проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“ Регионалната Канцеларија за социјално претприемништво од Југоисточниот плански регион, организираше работилница за кластери. На оваа работилница присуствуваа земјоделци од Југоисточниот регион, кои се занимаваат со одгледување на раноградинарски производи и овошје, како и органско производство.

Continue reading

ПРВО ПРСКАЊЕ ПРОТИВ ВОЗРАСНИ КОМАРЦИ НА ТЕРИТОРИЈАТА НА ЈУГОИСТОЧНИОТ РЕГИОН

Се известуваат граѓаните од општините во Југоисточниот регион, дека на 22 и 23 Јуни 2022 година, во раните утрински часови ќе се изврши авионска дезинсекција против возрасни комарци со следниот распоред:

  • На 22.06.2022 (Среда), во општините Струмица и Гевгелија;
  • На 23.06.2022 (Четврток), во општините Богданци, Босилово, Василево, Валандово, Дојран, Конче, Ново Село и Радовиш.

Доколку временските услови се неповолни, авионската дезинсекција ќе се изврши првиот нареден ден,  кога временските услови ќе бидат подобри.

Ги известуваме пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелните семејства.

ОДЛОЖЕНО ПРВОТО ПРСКАЊЕ ПРОТИВ ВОЗРАСНИ КОМАРЦИ ПОРАДИ НЕПОВОЛНИ ВРЕМЕНСКИ УСЛОВИ

Се известуваат граѓаните од општините во Југоисточниот регион, дека СЕ ОДЛОЖУВА првото прскање против возрасни комарци кое беше предвидено да се изврши на 14.06.2022 година.

Прскањето се одложува поради неповолни временски услови т.е појава на врнежи во предвидениот период, затоа истото се планира да се спроведе во текот на наредната недела, кога ќе се подобрат истите.

За точниот датум за спроведување на планираното прскање против возрасни комарци, граѓаните од Југоисточниот регион ќе бидат дополнително известени.

Известување за прскање против комарци во Југоисточниот регион

Се известуваат граѓаните од Југоисточниот плански регион дека тендерската постапка за избирање економски оператор кој ќе изврши прскање против комарци на територијата на Југоисточниот плански регион е веќе завршена и прскањето ќе започне на 14.06.2022 година.

Воедно, се известуваат граѓаните дека поради техничките проблеми и нефункционирањето на системот за јавни набавки дојде до непланирано продолжување на тендерската постапка и поради тоа прскањето против комарци на територијата на Југоисточниот плански регион не можеше да биде започнато во планираниот временски период.

Со почит,

Центар за развој на Југоисточниот
плански регион

 

112 пожарникари од регионот ја облекоа својата лична заштитна опрема за гаснење на шумски пожари

Во одбележувањето на денот на пожарникарите, 20 Мај учество и придонес оваа година завзема и Центарот за развој на Југоисточниот плански регион. Чествувањето на денот на пожарникарите оваа година пожарникарите од југоистокот ќе го паметат уште долго во своите сеќавања. 112 пожарникари од регионот денес за прв пат ја облекоа својата лична заштитна опрема за гаснење на шумски пожари, која вклучува заштитно одело (пантолони и јакна), чизми, ракавици, шлем (со заштини очила и фенер), маски со филтри и подмаска – балаклава.

Видливо беше задоволството на пожарникарите кои истакнаа дека во своето работење како пожарникари за прв пат добиваат лична заштитна опрема која е со таков квалитет и со која може да се доближат до стандардите на европските пожарникари.

 

Благодарница за успешна соработка и поддршка на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион беше доделена од страна на ТППЕ Струмица.

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион лична заштитна опрема за гаснење на шумски пожари додели на 50 пожарникари од општина Струмица, 27 пожарникари од општина Гевгелија, 22 пожарникари од општина Радовиш и 13 пожарникари од општина Валандово. За денот на пожарникарите, директорката на Центарот Г-а Жулиета Ѓуркова, заедно со градоначалниците на општините Струмица, Гевгелија, Радовиш и Валандово потпишаа протокол за примопредавање на опремата и им посакаа што помалку да ги користат своите одела на терен, но во случај на потреба за гаснење на шумски пожари да можат да целосно опремени да интервенираат на терен.

 

Следен чекор кој ќе ги подигне на скалилото за достигнување на европска спремност во гаснење на шумски пожари ќе бидат обуките спроведени од страна на меѓународни сертифицирани обучувачи и кои се очекува да започнат со почетокот на есента по намалувањето на ризикот од пожари.

Спроведените и идни активности се дел од имплементацијата на проектот за “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Р. Бугарија и Р.Северна Македонија 2014-2020.

   

 

Промовирање на волонтерството од најмали нозе!

Центарот за развој на ЈИПР заедно со партнерите од Бугарија во рамките на проектот за „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ започна кампања за подигнување на свеста за доброволното пожарникарство. Да се биде доброволен пожарникар е херој на денешницата, несебично залагање за спасување на човечки живот, природата и домовите. Љубовта кон доброволното пожарникарство треба да започне да се всадува уште од најмали нозе.

На денот на пожарникарите кога и официјано професионалните пожарникари ја добија својата опрема за лична заштита од шумски пожари, дел од дечињата од основното училиште од Валандово беа во посета на Територијалната противпожарна единица во својата општина.

Дечињата заедно со градоначалникот на Валандово, Г-н Перо Костадинов и директорката на Центарот, Г-а Жулиета Ѓуркова имаа можност да ја видат и да ја пробат новата опрема за гаснење на шумски пожари, да научат што значи да бидеш пожарникар, како се гасне пожар, што се прави кога ќе заѕвони телефонот за дојава на пожар и слично. Настанот беше одлична можност за промоција како од најмали нозе децата да се охрабрат да станат херои – доброволни пожарникари во заедницата. Можноста за гаснење на симулиран пожар, како и возењето со возилата на противпожарната единица беше на особено задоволство и голема радост на децата, но и на пожарникарите кои за возврат добија многу искрени детски насмевки.

Волонтирањето е поттикнување на граѓанската свест за поширок општествен ангажман во полза на заедницата во која живееме, една од најсуштинските и најкорисните активности што можеме како луѓе да ги превземеме уште од најмали нозе.

Проектот за “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ е финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Р. Бугарија и Р.Северна Македонија 2014-2020, а се имплементира од страна на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во партнерство со Асоцијацијата на Југозападни општини, Благоевград, Република Бугарија.

Сами можеме малку, а заедно може да сториме толку многу!

Потпишани договори за национално кофинансирање на два проекти преку Програмата за прекуграничната соработка со Грција

На ден 04.05.2022 година, во просториите на Офицерскиот дом во Битола, Директорката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион Г-а Жулиета Ѓуркова и Министерот за локална самоуправа Г-н Горан Милевски потпишаа Договори за национално кофинансирање на два проектикои Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ги имплементира преку Вториот повик во рамките на Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Република С.Македонија.

Се работи за кофинансирање од националниот буџет на Министерството за локална самоуправа во висина од 15% од средствата одобрени за Центарот како партнер во двата проекти кои се имплементираат во две приоритетни области и тоа за развој на локалната економија и превенција и заштита од природни катастрофи.

Преку реализација на едниот проект за којшто беше потпишан Договор за национално кофинансирање, „Деловен еко систем како интегриран систем–Be In” ќе се спроведуваат мерки за намалување на јазот помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот, поттикнување на иновативноста и развој на капацитети и вмрежување. Вкупниот буџет на Центарот за реализација на проектот изнесува 152.482,50 евра, со времетраење на реализација од 18месеци.

Додека со проектот „Рано откривање на пожарите и нивно движење за превенција и справување со катастрофи – eFIDAR“, со времетраење на имплементација од 24 месеци и вкупен буџет на Центарот од 267.939,50 евра, ќе се набават две противпожарни возила со противпожарна опрема и ќе се спроведуваат активности за ефикасно откривање и управување со шумски пожари во прекуграничната област.

Преку Првиот повик од Програмскиот период 2014-2020 од ИПА Програмата за прекугранична соработка со Грција, Центарот кон крајот на 2021 година заврши со имплементацијата на два проекти, а досега има склучено договори за вкупно седум проекти за прекугранична соработка со Грција.

Граѓаните на Југоисточниот плански регион ги рангираа приоритетните проекти за 2022 година

На 22 Април 2022 година во Хотел Сириус во Струмица од страна на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, се одржа Втората форумска сесија од Регионалните форуми во заедницата кои се реализираат во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој-2 фаза“ финансиран преку  Швајцарската Агенција за развој и соработка и Владата на Република С. Македонија, претставувана од Министерството за локална самоуправа.

На Втората форумска сесија присуствуваа претставници од општините од Југоисточниот плански регион, членови и претседатели од Советите на општините од Југоисточниот плански регион, советници од ЕЛС, претставници од бизнис заедницата, граѓански здруженија, урбани/месни заедници и други заинтересирани страни од регионот. Учесниците имаа можност да ги рангираат предлог концептите по двете програми  Програма за Грантова шема за проекти со задолжителна дигитална компонента и Програма на МЛС/БРР за рамномерен регионален развој за 2022 година со индикативно планирани средства за 2023 година, кои произлегоа од страна на учесниците за време на Првата форумска сесија, а се во насока на подобрување на животот во пошироката заедница и регионот.

Гласањето се одвиваше на тој начин што секоја работна маса требаше да ги оцени предлог концептите давајќи најмногу бодови за тој што сметаат дека е најприоритетен, помалку на останатите кои што сметаат дека се со среден или низок приоритет. Дадените бодови од секоја маса се впишуваа јавно, по што вкупниот број на поени ја даде финалната ранг листа на предлог концептите.

Рангирање на Предлог Концептите по Програмата за Грантова шема за проекти со задолжителна дигитална компонента:

  1. Смарт вело регион
  2. Енергетски ефикасен регион
  3. Дојран регионална еко-оаза

Рангирање на Предлог Концептите по Програмата на МЛС/БРР за рамномерен регионален развој за 2022 година со индикативно планирани средства за 2023:

  1. Туризмот – иднината на регионот
  2. Културното богатство – наследство за идните генерации
  3. Реконструкција на локален пат с.Стојаково – с.Ѓавото
  4. Изработка на техничка документација за изградба на велосипедски патеки во општините Конче, Радовиш и Василево

Следните чекори кои ќе бидат превземени се однесуваат на подготовка на проектни апликации и  доставување до комсијата за оценување на предлог концепти по Грантовата шема, додека пак предлог концептите од Програмата на МЛС/БРР ќе бидат презентирани на Советот за развој на ЈИПР и по нивно разгледување ќе се донесе Одлука за утврдување листа на регионални предлог проекти за 2022 година, секако земајќи го во предвид гласањето од Втората форумска сесија.

ОДРЖАНА VII (СЕДМАТА) СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ ЗА РАЗВОЈ НА ЈУГОИСТОЧНИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН

Во просториите на општина Радовиш, на 14.04.2022 година се одржа VII (седмата) седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион.

На седницата освен членовите на Советот беа присутни и преставници од СДЦ/Министерството за локална самоуправа, како и Проф. Др. Борис Цизаљ експерт за регионално управување. Исто така беше присутен и Г. Тихомир Петрески надворешен експерт за подготовка на концепт решенија и предлог проекти.

На седницата согласно дневниот ред свое обраќање имаше Проф. Др. Борис Цизаљ, од Р.Словенија, кој ги презентираше своите практики и искуства како долгогодишен експерт во областа на регионалниот развој. Целта на неговата презентација беше преку отворена дискусија со градоначалниците да се утврди кои држави, согласно планираната Студиска посета на членовите на Советот, можат да се посетат и од нив да се земат добри практики кои би биле применливи во Југоисточниот плански регион, која активност е предвидена во рамките на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“.

Надворешниот експерт Г. Тихомир Петрески ги презентираше концепт решенијата за аплицирање на проекти преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2022 година со индикативно планирани средства за 2023 година на МЛС/БРР и Грантова шема на Швајцарската Агенција за развој и соработка (SDC), кои беа предложени на Првата форумска сесија, со цел членовите на Советот да се запознаат со предлог концептите и да дадат свое мислење и препораки за подобрување.

На седницата беа усвоени и Кодексот на етика и шест Политики, кои се од особена важност за целокупното работење на вработените во Центарот за развој на Југоисточниот плански регион. Исто така беа усвоени и завршните сметки  на Центарот за 2021 година.

Амбасадорката на Швајцарија Н.Е. Вероник Улман Марти во посета на Југоисточниот плански регион

Кога локалните власти, граѓанското општество и приватниот сектор работат заедно, се прават вистински промени на локално и регионално ниво. Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија заедно со Швајцарската Агенција за развој и соработка изминативе неколку години се посветени на поддршка на одржливиот регионален развој во Република Северна Македонија.

Оваа недела Амбасадорката Н.Е. Вероник Улман Марти го посети Југоисточниот плански регион каде оствари средба со клучните партнери од регионот и се запозна со конкретните резултати од проектите финансирани преку Швајцарската Агенција за развој и соработка на локално и регионално ниво.

На средбата во општина Струмица присуствуваа директорката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион Жулиета Ѓуркова, градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов, претседателот на Советот Марјан Даскаловски и секретарот на општината Александар Оџаков каде се разговараше за досегашната соработка и плановите за нејзино унапредување.

Во Југоисточниот плански регион, досега се реализирани повеќе проекти финансирани од швајцарските фондови кои имаат директно влијание врз подобрувањето на квалитетот на живеење, регионалната соработка и кои промовираат иновативен пристап во обезбедувањето на услугите до сите засегнати страни. Еден од тие проекти е проектот за управување со сливот на река Струмица, со кој се спроведуваа активности за зголемување на конкурентноста на земјоделското производство во регионот и намалување на неговото влијание врз животната средина, преку воведувањето на современи, агроеколошки мерки.

Исто така со директно учество на граѓаните од Југоисточниот регион на партиципативен начин преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка, опремени се четири Дневни Центри за лица со посебни потреби со реквизити и опрема за работна окупација, поставени се 23 агрометеролошки станици, воспоставена е Академија за реинтеграција на маргинализирани лица и Заеднички работен простор како средство за зајакнување на соработката со бизнис секторот.

Соработката не застанува тука и во тек се Регионални формуски сесии на заедницата каде како приоритети за решавање оваа година се истакнаа проблемите од делот на заштитата на животната средина и подобрување на туристичката понуда во Југоисточниот регион со што се потврдува заедничката понатамошна заложба за реализација на нови проекти во интерес на граѓаните.