Oдржан првиот Регионален саем на социјални претпријатија од Југоисточниот плански регион

На 01.12.2021 година во Струмица се одржа првиот Регионален саем на социјални претпријатија од Југоисточниот плански регион во организација на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион поддржан преку проектот „Поддршка на социјално претприемништво“ кој е финансиски поддржан од Европската Унија.

Саемот официјално го отвори Г. Жулиета Ѓуркова, Директор на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион. “Во овој момент, социјалното претприемништво како концепт се’ уште е нов во нашата држава, но, подготвени сме да ги отвориме нашите срца и умови за учење на нови можности“ – истакна Г.Ѓуркова

Како домаќин со поздравно обраќање се обрати и Градоначалникот на општина Струмица, Г. Коста Костадинов, кој даде кратко видување за важноста на поврзаноста помеѓу локалната самоуправа и социјалните претпријатија, додека пак за идејата и почетоците на проектот говореше Тим Лидерот на проектот „Поддршка на социјалното претприемништво“, Г. Барбара Садовска од Полска.

Велат за да го поминеш патот на успехот, слушај ги приказните на успешните луѓе. Водејќи се по тоа мото на саемот беа презентирани и зачетоците на три најуспешни социјални претпријатија од регионот за развојот на нивната социјална мисија,  и сето она кое го имаат постигнато до денес.

На крајот од саемот беше организирана панел дискусија на која беа дискутирани можностите за одржливост и раст на регионалните социјални претпријатија, преку обезбедување финансиска, менторска и друга поддршка од различни фондови. Додека пак преку изложбените штандови на околу дваесет потенцијални социјални претпријатија и невладини организации од Југоистониот плански  регион, посетителите имаа можност да уживаат и да се запознаат со социјалната мисија, претприемачките идеи, нивните потенцијали како и можноста за идна меѓусебна соработка.

Одржана дводневна работилница по проект „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во рамките на  проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“, на 26 и 27 Ноември 2021 година, организираше дводневна работилница за формирање на неформална мрежа помеѓу инволвираните страни од двата погранични региона за создавање на добра координација и структура за спречување и адекватно одговарање на природните и еколошките опасности, со посебен акцент и фокус на шумските пожари.

На работилницата покрај вработените во Центарот како организатори,  присутни беа и претставници од Водечкиот партнер на проектот – Асоцијацијата на Југозападни општини, Благоевград – Република Бугарија, претставници на општините, општинските територијални противпожарни единици и волонтерските здруженија од двете земји, претставници од регионалните Центри за управување со кризи, претставници на регионалните канцеларии од Дирекцијата за заштита и спасување, како и сите засегнати страни при превенирање и ублажување на последиците од природни катастрофи, еколошки опасности и катастрофи предизвикани од човечки фактор. Работилницата беше успешно спроведена и сите учесници со своите излагања и дискусии дадоа свој значаен придонес. На работилницата се подготви рамка на функционирање на неформалната мрежа, како и драфт Меморандум за соработка кој ќе биде пратен на сите учесници и засегнати страни за дополнителни коментари и доработка пред конечно да биде потпишан на Завршната конференција од проектот.

„Создавањето на добра координација и структура за спречување на шумските пожари, но и навремената реакција се од суштинска важност при релизирање на оваа партнерство. Тоа ни ја олеснува работата бидејќи контактираме брзо и ефикасно и прибираме податоци. Тие ни даваат нивни податоци, ние даваме наши податоци како во врска со материјалот што гори, површината, временските услови кај нас, временските услови кај нив како би можело да се направи една заедничка акција“ истакна Г-н Митко Димчев – Инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување (регионална единица Струмица).

Мрежата е неформална и во иднина ќе служи како база за подобра координација помеѓу надлежните структури во двете држави. И покрај тоа што Република Северна Македонија и Република Бугарија веќе имаат повеќе меѓународни договори во делот на цивилната заштита, оваа мрежа ќе ја олесни соработката пред се помеѓу локалните и регионалните институции.

„Со формирањето на оваа мрежа во голема мера ќе се олесни и комуникацијата од наша страна и колегите од соседна Република Бугарија за заеднички и координиран настап на терен“, вели Александар Гудев – командир на ТППЕ Струмица.

Учесниците во работилницата споделија многу позитивни искуства од терен по кои треба да се водат институциите во иднина, но и реални проблеми за кои треба да се најде начин заеднички да се надминат.

Овој проект е финансиран од Европската Унија преку Интеррег – ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија и Националните Фондови на земјите учеснички.

 

Советот за развој на Југоисточниот плански регион доби нов Претседател

На 23.11.2021 година во општина Струмица беше одржана првата конституивна Седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион на која присуствуваа градоначалниците на десетте општини во регионот, директорката и претставници на Центарот развој на Југоисточниот плански регион.

Согласно дневниот ред на градоначалниците од општините во регионот им беше верификуван градоначалничкиот мандат, а по конституирањето на Советот, за Претседател едногласно беше избран Градоначалникот на општина Гевгелија, Г-н Андон Сарамандов, кој ќе претседава со Советот за развој на Југоисточниот плански регион со мандат од една година. Тој се заблагодари на довербата на своите колеги градоначалници и истакна дека треба предност да им се даде на регионалните проекти кои се издржани и се квалитетни на подолг рок и дека се потребни трајни решенија за подобар и поквалитетен живот и во руралните и во градските средини. На сите градоначалници како членови во Советот на Југоисточен плански регион, обврска им е во наредниот период да го направат овој дел од државата да биде најпривлечен и за инвестиции и за живот.

На Седницата Советот донесе Одлука за отпочнување на постапка за избор на претставник од бизнис заедницата за член во Советот за развој на Југоисточниот плански регион и Одлука за распишување на Јавен повик за избор на член во Советот за развој на Југоисточниот плански регион – претставник од здруженијата кој ќе биде објавен во следниот период. По донесувањето на овие Одлуки, а согласно Законот за рамномерен регионален развој, еден претставник од бизнис заедницата и еден претставник од здружение ќе влезат како членови во Советот за развој на Југоисточен плански регион без право на глас со мандат од четири години.

На крајот од Седницата, Директорката на Центарот за развој на ЈИПР, Г-а Ѓуркова ги информираше членовите на Советот за тековните проекти кои ги реализира Центарот како и за активностите кои се обврска на Советот за развој на Југоисточниот плански регион во наредниот период.

 

ОТВОРЕН ПРВИОТ ЦЕНТАР ЗА ПОДДРШКА НА СОЦИЈАЛНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА И ОДРЖАН ПРВИОТ САЕМ ЗА СОЦИЈАЛНО ПРЕТПРИЕМНИШТВО

На 19.11.2021 година  во рамките на проектот „Поддршка на социјално претприемништво“, беше отворен Центарот за поддршка на социјални претпријатија во Скопје и одржан првиот Национален саем за социјални претпријатија на кој со свои штандови се претставија повеќе од 50 изложувачи, меѓу кои и организации и компании од Југоисточниот плански регион, заедно со претставници од Регионалната Канцеларија за социјално претприемништво од Струмица. Овој проект е финансиран од Европската Унија, а спроведен од Ептиса, во конзорциум со Барка и Екорис, во соработка со Министерството за труд и социјална политика.

Центарот за поддршка на социјални претпријатија на своите корисници (организации, социјални претпријатија, институции и поединци), ќе им обезбеди  совети, насоки и помош за практични прашања и предизвици, како што се: прибирање средства, регистрација на компанија, можности за вмрежување, бизнис развој, аспекти за вработување, набавки, градење партнерства, достапна финансиска поддршка, маркетинг и многу други услуги.

Свечено обраќање имаа: Вицепремиерот на Владата на Република Северна Македонија Фатмир Битиќи, Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, Штефан Худолин, одговорен за соработка при Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија и Проектниот лидер – Барбара Садовска.

 

Со одржувањето на инфо денот Центарот за развој на ЈИПР ја означи успешната имплементација на проектот „ХЕЛП“

Центарот за развој на ЈИПР во изминатите неколку години интензивно работеше кон обезбедување на современа инфраструктура и опрема за управување со кризи која всушност беше главната цел на проектот “Интегриран оперативен центар за хуманитарна помош – ХЕЛП“.

Имплементираните активности и постигнатите резултати од проектот се презентираа на инфо денот кој се организираше на 26 октомври 2021 година и кој настан всушност ја означи успешната имплементација на проектот „ХЕЛП“.

Една од главните активности по проектот беше набавка и поставување на Команден центар опремен со најсовремена опрема која ќе овозможи зголемена одговорност, брзо реагирање, современи методи и координација на човечките ресурси во процесот на справувањето со кризи кој е сложен процес и бара вклученост на сите надлежни институции, како на регионално така и на национално ниво.

Во рамките на проектот беа подготвени и постери со инструкции за тоа како да се реагира во услови на пожар и земјотрес и истите беа дистрибуирани низ општините, сите основни и средни училишта, како и низ други јавни згради во Југоисточниот регион.

Исто така беа подготвени и национални и прекугранични протоколи за комуникација, соработка и координација и Планови за управување со кризи за целиот Југоисточен регион кои ќе овозможат да се има однапред утврдени јасни инструкции за тоа што треба да се направи и каков процес треба да се следи, бидејќи во услови на кризи навремената акција е најбитна, а управувањето со времето е многу важно.

Официјално проектот завршува на 31 октомври 2021 година, а истиот е финасиран од Европска Унија и Националните Фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Република Северна Македонија 2014-2020.

 

ЦРЈИПР ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „STVARATELJI ZA STOLJECA„

Од  21-24 октомври, 2021 година дел од тимот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, предводен од Директорката Г-а Жулиета Ѓуркова присуствуваа на седмиот Регионален Самит за Претприемништво за доделување на наградата „Stvaratelji za stoljeca“ кој се одржа во Дубровник, Р.Хрватска.

На оваа манифестација на Г-а Ѓуркова, како Директорка на ЦРЈИПР и беше врачена една од најпрестижните награди и признанија во Југоисточна Европа, на која беа доделени  награди на најзаслужни личности, организации и инстистуции чија посветена работа придонесува за развој на претприемништвото и економијата во Средна и Југоисточна Европа.

Наградата „Stvaratelji za Stoljeca“ е еден вид претприемнички Оскар и се доделува само на големите визионери и лидери на утрешнината чија бестрашност, работа, знаење, креативност и врвни резултати се темел и главен двигател на напредокот на заедницата.

Признанието е потврда за уникатноста на стратегијата и способноста на Центарот да креира долгорочен и здрав раст, фокусиран на безрезервна поддршка на бизнис заедницата. Во тоа светло Центарот го гради своето реноме: секогаш отворени за соработка, иновативни и уникатни. Како во изминативе 13 години, така и во иднина фокусот на нашиот тим ќе биде насочен кон спроведување на активности и проeкти за  подобрување на квалитетот на живеење на сите граѓани. Оваа награда е само потврда дека сме на вистинскиот пат. – истакна Г-а Ѓуркова на самитот “300 Најдобри”.

Целта на оваа награда е јавно да им се даде признание на најдобрите со цел да ги препознае пошироката јавност, кои во овие динамични времиња со оригинални решенија и креативност го унапредуваат животот во зедницата и претприемаштвото.

Со добивањето на оваа престижна награда и признание за придонес во развојот на претприемаштвото и економијата, Директорката на Центарот за развој на ЈИПР, Г-а Жулиета Ѓуркова е назначена и за член на Меѓународниот комитет за доделување на награди.

Оваа награда им припаѓа на сите кои веруваат во внатрешните капацитети на Центарот, кои со голема доверба и лојалност ни ги доверуваа сите проекти кои ние ги реализиравме  во текот на овие 13 години. Голема е одговорноста која ни е дадена и со сета наша волја, сила и желба да го подобриме животот на сите околу нас продолжуваме  во остварување на оваа голема визија.

 

Одржана прва прес конференција во рамките на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во рамките на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ на 24 Септември 2021 година, во Хотел Сириус, Струмица одржа прес конференција на која беа поканети претставници од медиумитеод регионот. Проектниот тим заедно со Директорката на Центарот, Г-а Жулиета Ѓуркова и со претставник од територијалната противпожарна единица (ТППЕ), Струмица, ги презентираа активностите и очекуваните резултати со цел подетално запознавање на јавноста која е целта на проектот и кои бенефити се очекуваат од истиот.
Преку овој проект 112 пожарникари од Југоисточниот плански регион ќе добијат специјализирана лична заштитна опрема за шумски пожари, а истиот се реализира како резултат на анализата која покажа дека ниту една противпожарна единица во овој регион не поседува одела за пожарникарите наменети за шумски пожари.

“Нашата цел и нашата идеја е да бидат рамо до рамо со сите европски пожарникари, да ја имаат комплетната опрема да можат да одговорат. Тие се способни, ги имаат сите вештини, обучени се, меѓутоа треба да имаат соодветна опрема и соодветно да бидат облечени за да бидат ефикасни.“ – посочи директорката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Г-а Ѓуркова.

За пожарникарите набавката на новата опрема е многу значајна бидејќи со неа ќе се овозможи многу поголема ефикасност за време на интервенциите во шума, а истовремено ќе се зголеми нивната безбедност, истакна Г-н Ристо Јанакиев – претставник на ТППЕ Струмица, и додаде дека со опремата тие значително ќе се приближат до стандардите на Европската Унија.

На прес конференцијата преку кратка презентација од страна на проектниот тим беа информирани новинарите и за останатите активности кои се планирани во рамките на овој проект, а тоа се формирање на прекугранична мрежа за превенција и одговор од природни и еколошки опасности кои настануваат од шумските пожари, организација на шест специјализирани обуки за дел од претставниците на територијалните противпожарни единици и волонтерските здруженија со меѓународно сертифицирани обучувачи, промоција и подигање на јавната свест за поттикнување на волонтеризмот во справување со пожари како и спречувањето на шумските пожари.

Проектот е предвиден да трае 24 месеци.

ПРИЗНАНИЕ НА ЦЕНТАРОТ ЗА РАЗВОЈ НА ЈИПР ЗА ИНТЕНЗИВНА СОРАБОТКА СО БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА И АКАДЕМИЈАТА НА РЕГИОНАЛНО НИВО ВО 2020 ГОДИНА

Единствените доживотни, сигурни мотивации се оние што доаѓаат одвнатре, а најсилните од нив се радоста и гордоста што растат кога сте добиле признание дека сте направиле нешто добро во година која и покрај отежнатите околности вработените од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион интензивно работеа на секое поле.
На ден 13.09.2021 Министерот за локална самоуправа Г-н Горан Милевски на Директорката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион Г-а Жулиета Ѓуркова преку Проектот „Одржлив инклузивен рамномерен регионален развој“ врачи ПРИЗНАНИЕ на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион за интензивна соработка со бизнис заедницата и академијата на регионално ниво во 2020 година.
Изборот се спроведе преку рангирање на регионите во 8 категории. Иако Центарот за развој на Југоисточниот плански регион покажа одлични резултати во повеќе категории и области, сепак од страна на Комисијата беше одлучено да добие признание во Категоријата – Интензивна соработка со бизнис заедницата и академијата на регионално ниво во изминатата година.
Регионалниот Бизнис Центар во рамките на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во изминатата 2020 година интензивно работеше и ќе продолжи да работи со истиот интензитет и уште поголема мотивираност на поттикнување на регионалната бизнис клима и поддршка на малите и средни претпријатија од регионот, зајакнување на капацитетите на компаниите во регионот и ќе продолжи да создава клима за развој на одржливи и профитабилни бизниси.
Оваа награда е за досегашниот труд на вработените и ќе служи за уште поголема мотивираност во иднина и достигнување уште повидливи резултати за доброто на регионот.

Пилот акција „Беласица 2021“ на тема пожар спроведена во рамки на проектот „ХЕЛП“

На 03 и 04 септември 2021 година се организираше дводневен настан, Пилот акција “Беласица 2021“, во рамки на проектот “Интегриран оперативен центар за обезбедување хуманитарна помош – ХЕЛП“ кој го имплементира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во партнерство со Центарот за управување со кризи и проектните партнери од соседна Грција.

Вежбовната акција за симулација на пожар „Беласица 2021“ беше официјално отворена од страна на Заменик Министерот за локална самоуправа Г-н Зоран Димитровски, Раководителката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион Г-а Жулиета Ѓуркова, Директорот на вежбата Г-н Урим Вејсели и претставник од о. Ново Село Г-нот Туше Стојанов, кои со поздравен говор го истакнаа значењето за остварување на непречена координација со соседна Грција во време на природни катастрофи, воведување на современи алатки за брзо реагирање и јакнење на капацитетите за справување со кризи на меѓународно ниво.

По претходно креирано сценарио за справување со природни катастрофи, во овој случај пожар на Беласица, на обете страни од границата, активностите на терен се одвиваа во месноста на Ѓавлски Мост, Сечена Скала, Шарена чешма, Ѕвезден врв, Тумба, Ловечка Куќа и други локално именувани високи делови на планината каде претставници од Центарот за управување со кризи, претставници од Дирекција за заштита и спасување, Црвен Крст, Противпожарни единици, МВР Струмица, невладини организации спроведуваа вежбовни активности за спречување на пожарот користејќи ја опремата на мобилната единица Команден Центар – C4I кој е поставен во Струмица.

Целта за организирање на овој настан беше да се информира јавноста за начинот на управување со опремата, информативниот систем, мапирање на катастрофа, платформата за гејмификација, развиените планови за справување со катастрофи согласно националните протоколи кои се достапни во Командниот центар – C4I, развој на тест настани за употреба на опремата, да се подобрат оперативните и организациските способности на надлежните институции, да се подобри нивото на комуникација и соработка со Грција во време на катастрофи како и поттикнување и активно учество на граѓаните и чинителите во активности за управување со кризи со цел да се зголемат нивоата на нивната свест и реакција.
Како прв Команден центар за управување со кризи кој е поставен во државата, во иднина се очекува оптимално користење на опремата, олеснување на работата на надлежните институции и поврзување за време на природни непогоди со Командниот центар кој е поставен во прекуграничниот регион во Грција.

Со успешната организација на дводневниот настан, Пилот Акција на тема пожар “Беласица 2021“, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ја привршува имплементацијата на активностите кои се дел од проектот “Интегриран оперативен центар за обезбедување хуманитарна помош – ХЕЛП“, ко-финансиран од Европска Унија и Националните Фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Република Северна Македонија 2014-2020.

Прв состанок на тимот по проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ одржан во Благоевград, Република Бугарија

Во рамки на проектот “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Р.Северна Македонија на ден 30.08.2021 и 31.08.2021 година, во Благоевград во просториите на Водечкиот партнер – Асоцијација на Југозападни Општини, Република Бугарија се одржа првиот состанок на проектниот тим.

Целта на состанокот беше да се продискутираат проектните активности, што е имплементирано до сега и кои се следните чекори на имплементација на секој од партнерите.

Согласно обврските на тимот за поднесување на Барања за прво ниво на контрола (Request for First level control) двата партнери заедно во координација ги поднесоа барањата во рамките на зададениот рок. На состанокот беше разгледан и дискутиран Извештајот за напредокот на проектот (Project Progress Report 2 – PP2) кој беше поднесен на Порталот за бенефициенти за предходниот проектен период.

Тимот разговараше и за одржување на првите прес конференции во рамките на проектот, како и за првата работилница за воспоставување на прекугранична мрежа за превенција и одговор во случај на опасности на природата и животната средина.Во рамките на предвидените планирани настани се одлучи истите да бидат релизирани согласно активните мерки во тој момент за COVID-19.

Проектот е ко-финансиран од Европска Унија и Националните Фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија – Република Северна Македонија 2014-2020.