Одржан трет состанок по проектот „Би Ин“

Третиот состанок по проектот „Деловен екосистем како интегриран систем Be In се одржа на 27 Јуни 2023 година во Солун, Грција и истиот беше организиран од страна на вториот проектен партнер – Истражувачкиот институт на Универзитетот Македонија, Грција.

На состанокот беа разработени клучните аспекти неопходни за непречено спроведување на проектот и постигнување на целите. Состанокот започна со сеопфатна дискусија за досегашниот напредок на проектот, фокусирајќи се на досегашните направени трошоци и нивна валидација за секој од партнерите.

Во продолжение на состанокот присутните претставници разговараа за излезните резултати од секоја планирана и спроведена активност нагласувајќи ја нивната важност во воспоставувањето на претприемачкиот еко-систем во прекуграничниот регион.

На крајот се утврдија следните чекори кои треба да се преземат преку изработка на календар на одржување на настаните до крајот на проектот со цел да се постави јасна траекторија на движење и да се обезбеди добро координирано  и ефикасно извршување на проектот.

Проектот е кофинансиран од Европска Унија и националните фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Р. С. Македонија и со продолжувањето на рокот на имплементација на проектот истиот ќе се имплементира до 30ти Ноември 2023 година.

Прво прскање против возрасни комарци во општините Конче и Радовиш

Се известуваат граѓаните од општина Конче и општина Радовиш, дека на 26 и 27 Јуни 2023 година, во раните утрински часови ќе се врши теристичка дезинсекција против возрасни комарци.

Доколку временските услови се неповолни, дезинсекцијата ќе се изврши кога временските услови ќе бидат подобрени.

Се известуваат сопствениците на пчелни семејства да преземат соодветни мерки за заштита, односно да ги затворат истите во најавениот временски период.

Спој на убавина и историја – Доизграден и опремен конакот во рамките на манастирската црква Св. Стефан во Конче

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион успешно ги заврши активностите за доизградба и опремување на конак – Манастирска црква Св. Стефан во општина Конче, во рамките на проектот „Збогатување на туристичката понуда на Југоисточниот плански регион“.

Во текот на реализацијата на овој проект беа преземени градежни зафати со кои беше доизграден манастирскиот конак Св. Спас и истиот беше опремен со кујна, мебел и друга неопходна опрема,  која направи оваа место да добие пријатен амбиент и да добие изглед на уредено место кое плени со своето природно опкружување и духовна вредност.

Вкупната вредност на проектот изнесува 5.800.000,00 денари, а средствата се обезбедени од страна на Бирото за регионален развој и општината Конче.

Со имплементацијата на овој проект општина Конче ќе се најде на мапата на манастирски туристички места кое ќе го привлечат вниманието на овој вид на туристи. Овој успешно завршен проект ќе допринесе кон подобрување на туристичката понуда во Југоисточниот регион и ќе ја засили позицијата на општината Конче како како општина со богато културно и религиозно наследство.

Прво прскање против возрасни комарци и ларвицидна дезинсекција

Се известуваат граѓаните од општините во Југоисточниот регион, дека на 05, 06 и 07 Јуни 2023 година, во раните утрински часови  и во текот на пладневните часови ќе се врши теристичко третирање против возрасни комарци и ларвицидна дезинсекција со следниот распоред:

  • На 05.06.2023 (Понеделник), во општините Валандово, Дојран, Гевгелија;
  • На 06.06.2023  (Вторник), во општините Струмица, Босилово, Ново Село, Радовиш и Конче;
  • На 07.06.2023 (Среда), во општина Василево.

Доколку временските услови се неповолни, дезинсекцијата ќе се изврши кога временските услови ќе бидат подобрени.

Се известуваат сопствениците на пчелни семејства да преземат соодветни мерки за заштита, односно да ги затворат истите во најавениот временски период.

Колешинските водопади и Мокринските извори збогатени со нови содржини

Колешинскиот водопад сместен во срцето на планината Беласица, во рамки на активности на проектот „Туризмот – иднината на регионот“ кој го имплементира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во партнерство со општина Ново Село, финансиски поддржан од Бирото за регионален развој доби нови содржини. Поплочена е патека за искачување до водопадот, поставена е нова ограда на местата каде немаше досега и поправена е веќе постоечката, порамнет и насипен е теренот за паркирање покрај кој е додадена паркинг конструкција за велосипеди, обновнени се постојните летниковци, изработена е нова дрвена платформа, поставени се нови канти за отпадоци, клупи, маси, дрвени патокази и сообраќајни знаци со што на туристите ќе им се овозможи пријатен престој при посета на овие туристички дестинации.

Мокринските извори се збогатени со нова бетонирана пристапна патека за лицата со посебни потреби, адаптиран е еден летниковец за лесен пристап со инвалидска количка и обележани се паркинг места за истите. Покрај оваа содржина дополнително се изградени нови летниковци и поправени се постојните, целокупно се заменети старите реквизити со нови (поставени нови канти за отпадоци, дрвени патокази и сообраќајни знаци), изработена е традиционална македонска фурна која сите посетители можат да ја користат.

Изведувачот на активностите на овој проект ДГТ „МАЈСТОР КОМПАНИ“ за помалку од 2 месеци ги заврши предвидените дејствија, а вредноста за реализираните активности изнесува 4.609.623,00 денари со вклучен ДДВ.

Заеднички во интерес на младите од Југоистокот

 На 06 април 2023 година, Центарот за развој на Југосточниот плански регион, претставуван од директорот Ѓоко Камчев и Центарот за истражувања и анализи НОВУС, претставуван од претседателот Ѓорги Милушев потпишаа Меморандум за соработка.
Водени од заедничкиот интерес со овој Меморандум, со цел развој и соработка во делот на млади, ЦРЈИПР и НОВУС се обврзуваат дека заеднички ќе делуваат и ќе работат на јакнење и подобрување на социо-економскиот живот на младите од Југоисточниот плански регион.
Соработката меѓу двете страни ќе биде насочена кон реализација на заеднички проекти преку кои може да се вклучат млади од Југоисточниот плански регион, организирање на средби со граѓански, бизнис и јавен сектор; лобирање и успешно застапување на потребите на целните групи; едукативни и друг вид на активности кои ќе бидат од заеднички интерес чија крајна цел е поголема вклученост и информираност на младите.
Отвори фотографија

ПРОМОВИРАН ПРОЕКТОТ „ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСЕН РЕГИОН“

На 24.03.2023 година беше промовиран проектот „Енергетски ефикасен регион“, кој го имплементира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во партнерство со општините Конче, Радовиш и Василево, а со кој е предвидено изградба на систем на фотонапонски централи на покривите на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ и Спортската сала „25 Мај“ во Радовиш со капацитет од 430 KW, како и изработка на софтверски дигитален систем.

На настанот свое обраќање имаа Директорот на ЦРЈИПР, Г-н Ѓоко Камчев, Државниот секретар на Министерството за локална самоуправа, Г-н Кирил Парталов, Градоначалникот на општина Радовиш, Г-н Ацо Ристов, Градоначалникот на општина Конче, Г-н Златко Ристов и Градоначалникот на општина Василево, Г-н Славе Андонов.

„Се надевам дека во наредниот период како врвен приоритет во целите на општините и на Центарот ќе биде токму зелената енергија која што значително ќе придонесе во намалувањето на трошоците на општините, а со тоа дополнително ќе им овозможи тие средства кои што досега ги трошеа на енергенси и електрична енергија да ги употребат за реализација на други проекти, кои што ќе бидат од витално значење за граѓаните од општините Василево, Конче и Радовиш“ – истакна директорот на Центарот, Г-нот Камчев.

Од страна на проектниот тим беа презентирани досегашните и идните активности кои ќе се реализираат, очекуваните резултати, како и придобивките по завршувањето на имплементација на проектот.

Вкупниот буџет на проектот изнесува околу 23 милиони денари, средства обезбедени од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка, а свое учество имаат и трите општини партнери во проектот.

Заврши реконструкцијата на патот до црквата во с. Радичево, Василево

Во рамки на проектот „Туризмот – иднината на регионот“ кој го имплементира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, финансиски поддржан од Бирото за регионален развој успешно заврши реконструкцијата на патот до црквата „Св. Илија“ во с.Радичево, Василево во вредност од 2 196 616 денари, со што се реши еден од главните проблеми на жителите во ова населено место.

Станува збор за улица која го поврзува селото со црквата и гробиштата во должина од 327 метри, а широка 3 метри. На истата се поставени околу 1000 метри квадратни асфалт. Одводнувањето беше решено со риголи кои во иднина ќе го штитат асфалтот како и околните површини од неконтролираното излевање на водата во случај на обилни врнежи.

Со асфалтирањето на оваа улица се реши  проблемот  на граѓаните од Радичево кои долги години наназад се соочуваа  со лош пристап до црквата и гробиштата.

Изведувач на работите беше градежната фирмата „Бони Интерградба“, која за пократок рок од предвидениот целосно го реализираше овој проект!

ПОТПИШАН МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА

На 22 март 2023 година, Факултетот за туризам и бизнис логистика претставуван од деканот проф.д-р Татјана Бошков и Центарот за развој на Југосточниот плански регион претставуван од директорот г-дин Ѓоко Камчев, потпишаа Меморандум за соработка.

Continue reading

Југоисточниот плански регион – центар на дипломатијата!

Во рамки на Економскиот Дипломатски Караван организиран од страна на Министерството за надворешни работи во соработка со Бирото за регионален развој и Центарот за развој на Југоисточниот плански регион со сите десет општини како домаќини на настанот имаа за цел да ги презентираат и промовираат најзначајните проекти за кои општините бараат извори за финансирање.

Исто така покрај проектите од општините во регионот дваесетина извозно ориентирани компании од секоја општина имаа можност да се претстават и да ги запознаат претставниците од Дипломатскиот кор во нашата држава со инвестициските можности и потенцијали на регионот.

Ова беше вистинска можност за компаниите да го претстават своето производство, да ги претстават сопствените можности и Југоисточниот плански регион посериозно да биде ставен на картата на Европа и светот.