FIREDEFEND | Заеднички решенија за превенција од пожари и управување со отпад

На 21 септември 2026 година, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион (ЦРЈИПР) беше домаќин на настан во рамки на проектот FIREDEFEND – „Fire Detection and Enhanced Fire Emergency Network for Waste Disposal“, посветен на размена на знаења, искуства и добри практики меѓу институциите, проектните партнери, експертите и релевантните чинители од Македонија и Грција.

Настанот создаде простор за заедничка дискусија за предизвиците поврзани со неуправуваните депонии, ризиците од пожари, превентивните мерки и можностите за примена на современи пристапи и решенија, како и за понатамошно зајакнување на прекуграничната соработка.

Во рамки на официјалната сесија, свое обраќање имаа г. Петар Јанков – градоначалник на Општина Струмица, г. Ристо Манчев – градоначалник на Општина Босилово, г. Јован Коцев – в.д. директор на Центарот за развој на ЈИПР и г. Георгиос Тахметзидис – генерален секретар на Регионалната асоцијација на агенции за управување со цврст отпад на Централна Македонија – FODSA KM ΦΟΔΣΑ Κεντρικής Μακεδονίας, Грција. Настанот го модерираше Марија Тасева од ЦРЈИПР.

Во продолжение, г. Јоанис Кумантос, проектен менаџер на FIREDEFEND, ги претстави целите, стратешката рамка, партнерството, клучните активности и очекуваните резултати од проектот, со посебен осврт на неговиот придонес кон подобрување на превенцијата од пожари и управувањето со ризиците поврзани со отпадот.

Претставничките на водечкиот партнер FODSA KM, Анти Икономоу и Аргиро Вумвураки, ја претставија работата и експертизата на институцијата во областа на интегрираното управување со отпад, како и искуствата и практиките од Централна Македонија кои можат да придонесат кон заедничките активности во рамки на FIREDEFEND. Никола Стаменов го претстави Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, неговата улога во поттикнувањето на рамномерниот регионален развој, прекуграничната соработка и реализацијата на иницијативи насочени кон поголема отпорност и одржливост на регионот.

Значаен дел од настанот беше посветен на презентацијата „Мапирање и анализа на ризикот од неуправувани депонии во Југоисточниот плански регион“, презентирана од г. Александар Манчевски, сениор технички експерт преку која беа презентирани конкретни наоди, ризици и препораки како основа за планирање на идните активности и интервенции. Оваа анализа претставува важна стручна основа за следната фаза на FIREDEFEND – воспоставување современ систем со термална камера за рана детекција и мониторинг на пожари, со цел навремено препознавање на ризиците и побрза реакција на терен.

🤝 Преку ваквите активности, **FIREDEFEND ги поврзува институциите и експертите од Македонија и Грција, овозможувајќи размена на добри практики, знаења и искуства и развивање заеднички пристапи за поефикасна превенција од пожари, управување со отпад и заштита на животната средина.

Проектот FIREDEFEND е кофинансиран од Европската Унија преку Interreg VI-A IPA Програмата за прекугранична соработка Грција – Северна Македонија 2021–2027.

 

 

Електромобилноста во фокусот на втората G4G работилница во Солун

На 17 септември во Солун, се одржа втората работилница во рамки на проектот „Зелено за добро“ (G4G), на тема „Забрзување на примената на електромобилноста: стратегии, бизнис модели и локално вклучување“, како дел од CIVITAS Forum 2026.

Работилницата беше организирана од проектниот партнер CERTH и ги обедини проектните партнери, експерти и релевантни засегнати страни кои разменија  искуства и дискутираа за начините на кои стратегиите, инфраструктурата, финансирањето, регулативата и локалното вклучување можат да придонесат за поширока примена на електромобилноста.

Д-р Василис Капатос, директор на HIT/CERTH, го претстави растечкиот сектор на електромобилност во Грција, истакнувајќи ги 6.282-те регистрации на целосно електрични возила (BEV) во периодот јануари–јули 2026 година – што претставува пораст од 28,8 % на годишно ниво – како и повеќе од 8.700 јавни станици за полнење. Во презентацијата беше нагласена потребата од подобра покриеност, полнење со поголема моќност и „паметно“ полнење, поддржани од големиот потенцијал на Грција во областа на обновливите извори на енергија.

Проф. д-р Страхиња Трпевски ја презентираше актуелната состојба со електромобилноста во Северна Македонија и го истакна брзиот раст на бројот на електрични патнички возила – од 561 во 2023 година на 2.047 во 2025 година – што е околу 0,3% од вкупниот број на патнички автомобили. Беше претставено и проширувањето на јавната мрежа за полнење, како и потребата од посигурна меѓуградска инфраструктура, повеќе можности за полнење дома и на работното место и посилно поврзување на електромобилноста со обновливите извори на енергија.

Искуството на Градот Јанина покажа како локалната стратегија може да се преточи во конкретни активности, меѓу кои се плановите за проширување на мрежата за полнење електрични возила од 30 на 100 станици до 2038 година, електрификација на јавниот возен парк и воведување зони со ниски или нулти емисии. Искуството од пилот-системот за електрични велосипеди дополнително ја нагласи важноста од навремено воспоставување регулаторна рамка, рано вклучување на засегнатите страни и планирање на работењето и одржувањето пред воведување нови решенија за мобилност.

Романските експерти ја надополнија дискусијата со поширока перспектива од аспект на јавните политики, со порака дека електромобилноста треба да се разгледува како дел од интегриран систем за одржлива мобилност, а не само како премин кон електрични возила. Беше нагласена потребата транспортните политики да се поврзат со инфраструктурата за полнење, електроенергетската мрежа, обновливите извори, одржливите бизнис модели, податоците, управувањето и потребите на корисниците.

Заедничката порака од работилницата беше дека самата инфраструктура не е доволна. За G4G, размената обезбеди практични насоки за следните чекори во развојот и одржливото користење на инфраструктурата за полнење електрични возила во прекуграничното подрачје, со поголема локална соработка и поврзување на електромобилноста со пошироките цели на зелената и енергетската транзиција.

Проектот „Зелено за добро“ – G4G се имплементира во рамки на Интеррег VI-A ИПА Програмата Грција – Северна Македонија 2021-2027 и е кофинансиран од Европската Унија и Националните фондови на земјите учеснички.

 

     

Известување за спроведување на ларвицидна и адултицидна дезинсекција во Југоисточниот плански регион

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ги известува граѓаните дека согласно Планот за спроведување на дезинсекција, на 27 и 31 август 2026 година ќе се спроведат активности за контрола на популацијата на комарци на територијата на Југоисточниот плански регион.

Ларвицидна дезинсекција

На 27 август 2026 година ќе се спроведе ларвицидна дезинсекција во следните општини:

  • Општина Босилово – почеток во 09:30 часот, површина од 8,46 ха
  • Општина Ново Село – почеток во 13:00 часот, површина од 5 ха
  • Општина Струмица – почеток во 09:00 часот, површина од 20 ха

На 31 август 2026 година ќе се спроведе ларвицидна дезинсекција во:

  • Општина Василево – почеток во 09:00 часот, површина од 4,66 ха

Ларвицидната дезинсекција се спроведува со цел третирање на местата погодни за развој на ларви на комарци и спречување на нивниот понатамошен развој.

Адултицидна дезинсекција

На 31 август 2026 година во Општина Валандово ќе се спроведе адултицидна дезинсекција, со почеток во 18:00 часот, на површина од 315,5 ха.

Адултицидната дезинсекција е насочена кон намалување на популацијата на возрасните комарци.

Активностите ќе се спроведуваат согласно утврдениот план и временските услови. Доколку временските услови не дозволуваат реализација на третманите во предвидениот термин, активностите ќе бидат презакажани за првиот нареден поволен период.

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион продолжува со спроведување на превентивни мерки за контрола на популацијата на комарци и заштита на јавното здравје.

Известување за трето прскање против возрасни комарци и ларвицид по земјен пат на територијата на општините во Југоисточниот регион

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ги известува граѓаните дека согласно Планот за спроведување на адултицидна терестријална дезинсекција, во периодот од 11 до 13 Август 2026 година, ќе се спроведе третото прскање против возрасни комарци и ларвицид по земјен пат на територијата на општините во Југоисточниот плански регион.

Активностите ќе се реализираат според следниот распоред:

11.08.2026 година

  • Општина Босилово – почеток во 21:00 часот (возрасни комарци)
  • Општина Валандово – почеток во 19:00 часот(возрасни комарци)

12.08.2026 година

  • Општина Ново Село – почеток во 21:00 часот( возрасни комарци)
  • Општина Струмица (градско подрачје) – почеток во 22:00 часот (возрасни комарци)
  • Општина Валандово (ларвицидна дезинсекција) – почеток 09.00 часот

13.08.2026 година

  • Општина Струмица (села) – почеток во 21:00 часот (возрасни комарци)
  • Општина Василево – почеток во 22:00 часот (возрасни комарци)

Се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелните семејства. Исто така, се препорачува граѓаните за време на третманот да избегнуваат непотребен престој на отворено во подрачјата каде што ќе се спроведува прскањето.

Доколку временските услови не дозволуваат реализација на активностите во предвидениот термин, прскањето ќе биде одложено и ќе се изврши во првиот нареден поволен ден.

Со спроведувањето на оваа активност се продолжуваат мерките за намалување на популацијата на комарци и заштита на јавното здравје на граѓаните во Југоисточниот плански регион.

 

Известување за втора ларвицидна дезинсекција во Југоисточниот регион

Известување за второ ларвицидно прскање против комарци

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ги известува граѓаните дека согласно Планот за спроведување на ларвицидна дезинсекција, во периодот од 27 до 28 јули 2026 година ќе се спроведе втората ларвицидна дезинсекција и тоа со следниот распоред:

📅 27.07.2026 година

  • Општина Радовиш – од 09:00 часот
  • Општина Конче – од 12:00 часот
  • Општина Струмица – од 09:00 часот

📅 28.07.2026 година

  • Општина Василево – од 09:00 часот
  • Општина Ново Село – од 12:00 часот
  • Општина Босилово – од 09:00 часот.

Третманите ќе ги спроведуваат стручни екипи со примена на одобрени ларвицидни препарати, согласно важечките стандарди и прописи.

Доколку временските услови не дозволуваат реализација на активностите во предвидениот термин, третманот ќе биде одложен и ќе се изврши во првиот нареден поволен ден.

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ќе продолжи со спроведување на превентивните мерки за контрола на популацијата на комарци и заштита на здравјето на граѓаните.

Валидација на факторите за дигитални вештини за прецизно земјоделство

🌱 Одржана фокус група во рамки на проектот CAAIVE – Центри за извонредност во стручното образование и обука за вештачка интелигенција во земјоделството

На 10 јули 2026 година, во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во Струмица, беше одржана фокус група посветена на валидација на дигиталните вештини во областа на земјоделството.

Во дискусијата учествуваа претставници од релевантни институции, организации и чинители од земјоделскиот сектор, кои преку своите искуства и практични согледувања придонесоа кон подобро разбирање на моменталната состојба, потребите и предизвиците поврзани со дигитализацијата во земјоделството.

Учесниците дискутираа за:
✅ постојното ниво на користење на дигитални алатки и технологии во земјоделството;
✅ потребните дигитални компетенции за современо земјоделско производство;
✅ можностите за примена на вештачка интелигенција во земјоделскиот сектор;
✅ потребите од обуки, развој и валидација на дигитални вештини.

Заклучоците и препораките од фокус групата ќе придонесат кон развој на соодветни решенија и активности во рамки на проектот CAAIVE, со цел унапредување на дигиталните капацитети и подготовка на кадри за иднината на земјоделството.

🤝 Благодариме на сите учесници за активното учество, споделеното знаење и конструктивната дискусија!

#CAAIVE #DigitalSkills #Agriculture #AI #VET #DigitalTransformation

Одржан Вториот состанок на проектниот тим во рамки на проектот TX4ALL

На 7 и 8 јули 2026 година беше одржан Вториот состанок на проектниот тим во рамки на проектот „Пристапност и инклузија за сите до јавните туристички добра и услуги (TX4ALL)”, кофинансиран од Европската Унија преку Interreg VI-A IPA Програмата Грција – Северна Македонија 2021–2027.

Состанокот се реализираше во хибриден формат, при што првиот ден, 7 јули, се одржа онлајн сесија со учество на претставници од сите проектни партнери. Во текот на оваа сесија беа разгледани тековниот статус на имплементацијата на проектот, напредокот по работните пакети, финансиската реализација, извештајните обврски, комуникациските активности, како и состојбата со постапките за јавни набавки.

Вториот ден, 8 јули, состанокот продолжи со физичко присуство во хотел „Сириус“ во Струмица, во организација на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион (PB3). Во рамки на техничката координациска сесија, проектните партнери дискутираа за напредокот во реализацијата на планираните активности, со посебен акцент на подобрувањето на пристапноста на туристичките дестинации, набавката на специјализирана опрема, воспоставувањето на инклузивна плажа во Дојран, како и исполнувањето на предвидените проектни резултати и индикатори.

Дополнително, беа разгледани динамиката на спроведување на активностите, предизвиците и потенцијалните ризици во наредниот период, како и потребните чекори за обезбедување навремена и ефикасна имплементација на проектот. Состанокот заврши со дефинирање на конкретни активности, поделба на одговорностите меѓу партнерите и усогласување на следните чекори.

Проектот TX4ALL има за цел да придонесе кон развој на подостапен и поинклузивен туризам преку подобрување на пристапот до јавните туристички добра, услуги и инфраструктура за сите граѓани и посетители во прекуграничниот регион меѓу Грција и Северна Македонија.

#TX4ALL #Interreg #IPA #CrossBorder #Inclusion #AccessibleTourism #EUProjects

Известување за второ прскање против возрасни комарци по земјен пат

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ги известува граѓаните дека согласно Планот за спроведување на адултицидна терестријална дезинсекција, во периодот од 6 до 9 јули 2026 година ќе се спроведе второто прскање против возрасни комарци по земјен пат на територијата на општините во Југоисточниот плански регион.

Активностите ќе се реализираат според следниот распоред:

📍 06.07.2026 година

  • Општина Радовиш – почеток во 21:00 часот
  • Општина Конче – почеток во 24:00 часот
  • Општина Струмица (градско подрачје) – почеток во 22:00 часот

📍 07.07.2026 година

  • Општина Босилово – почеток во 21:00 часот
  • Општина Струмица (населени места) – почеток во 22:00 часот

📍 08.07.2026 година

  • Општина Валандово – почеток во 21:00 часот
  • Општина Василево – почеток во 22:00 часот

📍 09.07.2026 година

  • Општина Ново Село – почеток во 21:00 часот.

Се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелните семејства. Исто така, се препорачува граѓаните за време на третманот да избегнуваат непотребен престој на отворено во подрачјата каде што ќе се спроведува прскањето.

Доколку временските услови не дозволуваат реализација на активностите во предвидениот термин, прскањето ќе биде одложено и ќе се изврши во првиот нареден поволен ден.

Со спроведувањето на оваа активност се продолжуваат мерките за намалување на популацијата на комарци и заштита на јавното здравје на граѓаните во Југоисточниот плански регион.

Размена на искуства и нови пристапи за развој во рамки на Interreg VI-A IPA Бугарија – Северна Македонија

Од 9 до 12 јуни во Охрид се одржа обука за Стратешкиот совет и градење на капацитети за Територијалната стратегија во рамки на Програмата Interreg VI-A IPA Бугарија – Северна Македонија. На обуката учествуваше и претставник на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, како член на процесот за спроведување и следење на Територијалната стратегија.

Настанот претставуваше одлична можност за презентирање на досегашниот напредок во имплементацијата на Територијалната стратегија, при што беа претставени проектите кои се во фаза на реализација и нивниот придонес кон развојот на прекуграничниот регион.

Посебен акцент беше ставен на дискусиите за идниот програмски циклус Interreg 2028–2034 и новиот пристап базиран на резултати, кој има за цел да обезбеди поголемо влијание и одржливост на поддржаните иницијативи.

Преку интерактивни работилници и работа во групи, учесниците имаа можност да симулираат реални сценарија и да стекнат нови знаења и практични вештини поврзани со институционалната координација, како и со улогата на Територијалната стратегија како важна алатка за стратешко планирање и утврдување на развојните приоритети.

Обуката овозможи размена на искуства, идеи и добри практики меѓу учесниците, отворајќи простор за дискусија за идните предизвици и можности во рамки на Програмата Interreg VI-A IPA Бугарија – Северна Македонија. Воедно, таа придонесе за понатамошно зајакнување на прекуграничната соработка, потсетувајќи дека граѓаните од двете страни на границата имаат заедничка визија, просперитетни локални економии, развиени и одржливи заедници, подобри можности за младите и поквалитетен живот за сите.

TX4ALL – ПРИСТАПНОСТ И ИНКЛУЗИЈА ЗА СИТЕ ДО ЈАВНИТЕ ТУРИСТИЧКИ РЕСУРСИ И ТУРИСТИЧКИ УСЛУГИ

                                                         

 

Проектни партнери

Проектот се спроведува преку партнерство помеѓу организации од Грција и Северна Македонија, комбинирајќи експертиза во пристапноста, развојот на туризмот, регионалното планирање и социјалната инклузија.

Опис на проектот   

  • АКРОНИМ: TX4ALL
  • MIS КОД: 6007137
  • ПРОГРАМА: Interreg VI-A IPA Greece–North Macedonia 2021–2027
  • ВРЕМЕТРАЕЊЕ: 24 месеци
  • ПРИОРИТЕТ: ПОДДРШКА & УНАПРЕДУВАЊЕ НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ & СОЦИЈАЛНИ УСЛУГИ

TX4ALL – Пристапност и инклузија за сите до јавните туристички ресурси и услуги е прекугранична иницијатива насочена кон трансформирање на туристичкиот сектор во поинклузивно и подостапно искуство за сите. Одговарајќи на постојаните предизвици поврзани со социјалната исклученост и ограничениот пристап, особено за постарите лица и лицата со попреченост, проектот предлага сеопфатен модел за развој на инклузивен туризам.

Проектот е фокусиран на два клучни региони: Солун во Централна Македонија, Грција, и поширокиот Југоисточен плански регион во Северна Македонија, вклучувајќи ги Струмица и подрачјето на Дојранското Езеро. Овие локации ќе служат како центри за физички интервенции, технолошки надградби и програми за обука, дизајнирани да обезбедат целосна пристапност до јавните туристички ресурси и услуги.

TX4ALL е наменет за широк спектар корисници. Тука спаѓаат постари туристи, лица со попреченост или хронични заболувања, како и нивните семејства и придружници. Дополнително, туристичките работници, локалните бизниси, јавните институции и невработените лица во регионот исто така ќе имаат придобивки, особено преку нови можности за обука, градење капацитети и отворање работни места.

Главна компонента на проектот е поставувањето иновативна инфраструктура за пристапност. Во Солун, повеќе од 200 паметни пешачки премини ќе бидат опремени со аудио-системи за помош на лицата со оштетен вид. Јавните објекти ќе бидат опремени со системи за навигација за корисници со ограничена подвижност или вид, додека нова, универзално пристапна сигнализација ќе биде поставена на туристички локации во двете земји. Во подрачјето на Дојранското Езеро ќе биде уредена целосно инклузивна плажа, опремена со прилагодена инфраструктура и поддршка за мобилност.

За поддршка на самостојното планирање на патувањата и подобра достапност на информациите, TX4ALL ќе спроведе обемни проценки на пристапноста и ќе изработи повеќејазичен Водич за посетители. Ова ќе им помогне на туристите да ги идентификуваат и користат инклузивните рути и точки од интерес пред и за време на нивната посета.

Покрај инфраструктурата, проектот става силен акцент на подигање на свеста и градење капацитети. Ќе се обезбедат специјализирани обуки за туристичките работници со цел подобро разбирање на потребите за пристапност, а ќе биде воспоставена и пилот-програма за советување на бизниси кои сакаат да влезат во секторот на пристапен туризам. Овие активности се наменети за поттикнување на претприемништвото и создавање нови можности за вработување, особено за лицата со попреченост.

На крајот, TX4ALL ќе спроведе заедничка стратегија за брендирање и меѓународна промоција, позиционирајќи го прекуграничниот регион како водечка дестинација за инклузивен туризам. Преку координирани кампањи и дигитални алатки, проектот има за цел да допре до нови глобални пазари, да привлече нови групи посетители и да ја прошири туристичката активност кон помалку познати подрачја и периоди надвор од главната туристичка сезона.

На тој начин, TX4ALL не само што ја подобрува пристапноста на туристичката понуда, туку придонесува и за одржлив економски развој, регионална соработка и социјална инклузија во прекуграничниот регион меѓу Грција и Северна Македонија.

Придонес на Центарот во проектот TX4ALL

Како Проектен партнер 3, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион е одговорен за спроведување на значителен дел од проектните активности во Северна Македонија, со посебен фокус на подобрување на пристапноста до туристичките ресурси и јавните услуги низ целиот Југоисточен плански регион.

Центарот е исто така одговорен за координација на проектните активности во Северна Македонија и за обезбедување соработка со општините, туристичките чинители, организациите на лица со попреченост и локалните заедници во текот на целиот процес на имплементација.

Центарот ќе го предводи спроведувањето на повеќе инвестиции насочени кон отстранување на физичките и информативните бариери за лицата со попреченост, постарите посетители и лицата со намалена подвижност. Клучните интервенции вклучуваат воспоставување на инклузивна плажа на Дојранското Езеро, инсталација на нов пристапен лифт и платформа за скали во просториите на Центарот, набавка на мобилни пристапни рампи за сите десет општини во регионот, како и поставување на универзално пристапна сигнализација и аудио-базирани системи за насочување и ориентација.

Дополнително, Центарот ќе ја поддржи примената на иновативни решенија за мобилност преку набавка на пристапна транспортна опрема и електрични туристички возила, овозможувајќи им на посетителите со попреченост понезависен и поудобен пристап до туристичките дестинации.

Покрај инфраструктурните инвестиции, Центарот активно придонесува во проценките на пристапноста, консултациите со засегнатите страни, активностите за подигање на јавната свест и иницијативите за градење капацитети на туристичките работници и давателите на услуги. Преку тесна соработка со општините, организациите на лица со попреченост, туристичките чинители и проектните партнери од Грција, Центарот има за цел да го промовира пристапниот туризам како двигател на социјалната инклузија, регионалниот развој и прекуграничната соработка.

Со спроведувањето на овие активности, Центарот придонесува кон создавање на поинклузивна туристичка средина во Југоисточниот плански регион и кон позиционирање на регионот како пристапна дестинација и за жителите и за посетителите.

Очекувани резултати

Преку TX4ALL, јавните туристички ресурси и услуги во прекуграничната област ќе станат подостапни за лицата со попреченост, постарите посетители и лицата со намалена подвижност. Проектот ќе воведе нова инфраструктура за пристапност, иновативни системи за насочување и информирање, инклузивни туристички услуги и подобрени решенија за мобилност.

Исто така, ќе ги зајакне капацитетите на туристичките работници и јавните институции за подобро одговарање на потребите поврзани со пристапноста, додека истовремено ќе го промовира Југоисточниот плански регион и Централна Македонија како атрактивни и инклузивни туристички дестинации за сите посетители.

За програмата

Програмата Интеррег VI-A ИПА „Грција – Северна Македонија 2021–2027“ е програма за прекугранична соработка кофинансирана од Европската Унија преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА III).

Оваа заедничка програма им овозможува на јавните институции, приватните непрофитни организации и другите установи да соработуваат во решавањето на заедничките предизвици и проблеми, барајќи попаметни решенија во областите Солун, Кукуш, Пела, Сер, Флорина, Кожани, како и Вардарскиот, Пелагонискиот, Југоисточниот и Југозападниот регион.

Стратешката определба на Програмата е „Да се зајакне територијалната кохезија преку подобрување на животниот стандард и можностите за вработување, со почитување на животната средина и со користење на природните ресурси за развој на туризмот“.

Вкупниот буџет на Програмата за периодот 2021–2027 година изнесува 33,3 милиони евра.

Времетраење на проектот: Октомври 2025 – Октомври 2027 година

Вкупен буџет на проектот: 1.385.108,68 евра

Буџет на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион: 315.991,00 евра

Проектот TX4ALL се спроведува во рамките на Програмата Интеррег VI-A ИПА „Грција – Северна Македонија 2021–2027“ и е кофинансиран од Европската Унија со 80% и од национални средства со 20%.

 


Содржината е исклучива одговорност на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија, земјите учеснички, Управувачкиот орган или Заедничкиот секретаријат.